Годишниот одмор стана луксуз

Додека минатите две години пречка за летен одмор беа ковид рестрикциите, оваа година двоцифрената инфлација и бранот поскапувања ги предомислија граѓаните. Пари се нема да се платат сметките и да се преживее, а не да се одвојот средства и за патување. Летниот одмор стана луксуз.

Сред летна сезона, а македонскиот главен град е полн. Граѓаните со кои разговаравме велат дека веќе не е како порано. Оваа година немаат пари за летување. Од туристичките агенции потврдуваат. Цените се за 10 до 15 проценти повисоки во споредба со минатите две години.

Туристичките оператори со кои разговаравме велат дека летните аранжмани редовно поскапуваат од 5 до 10 проценти годишно. Но, оваа година е уште подраматично.

– „Цените точно дека се покачени. Пред почетокот на годината беше најавата за покачувањето на цените, како цената на горивата која секако влијаеше на цените на аранжманите и авионските билети и цените на транспортот. Самите сместувања. Локалано таму, ресторани, кафулиња. Секаде имаме најава дека се зголемени цените.“ – Вели Мартин Грозданов од туристичка агенција „Савана“.

Оттаму додаваат дека оние кои сепак решиле да летуваат оваа година, најчесто се одлучуваат за егејските плажи или за јадранското крајбрежје. Ова лето, македонските граѓани кои можат да си дозволат летен одмор, најчесто ја избираат Будва.

Никола Цветкоски