Годинава Македонците за првпат ќе примаат 4-валентни вакцини против сезонски грип

Годинава Македонците за првпат ќе примаат 4-валентни вакцини против сезонски грип. Овие вакцини се значително поскапи, ако ланските 3-валентни чинеа 400 денари, за новите 4 валентни ќе треба да се издвојат 600 денари. Сепак, вакцинирањето ќе биде бесплатно за постарите кои немаат пензија, како и за лицата над 65 години кои имаат просечна или потпросечна пензија – велат од Министерството за здравство. 28.000 вакцини кои се производство на француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“ биле набавени за 140 илјади евра.

„ Министерството за здравство во оваа постапка задолжително во условите побара документи со кои се потврдува квалитетот на вакцините. За оваа набавка, Министерството испланира 13.333.333 денари, но по спроведената електронска аукција, постигната е цена во вкупен износ од 8.666.665 денари. Со тоа,при набавката на вакцините постигната е најниската цена на чинење, со што Министерството заштеди околу 75 илјади евра“ – Министерство за здравство.

Вакцинирањето ќе се врши во Центрите за јавно здравје, кои до лани сами ги набавуваа вакцините. Новите 4-валентни вакцини за првпат ги препорачала Светската здравствена организација и Европската медицинска агенција за државите кои се дел од северната хемисфера, поради закана од Б тип на вирус кој не бил опфатен со 3 валентните вакцини. Сепак, балканските држави селективно ги послушаа препораките на СЗО. Некои од нив се уште набавуваат 3-валентни вакцини. На пример во Бугарија жителите можат да бираат меѓу двата типа вакцини, а во Босна и Херцеговина 3 области нудат 4-валентни, а само една 3-валентни вакцини. Хрватска, најверојатно ќе остане на тривалентните вакцини, исто како и Србија.

Тања Попова