Гнев на Егејот, Пиринот и во Мала Преспа: Говорат македонски јазик, кој сега власта во Македонија не им го признава

Говорат македонски јазик кој државите каде што го живеат никогаш не им го признавале, а сега доживеаја и македонската власт да не им го признава. Ваква стана судбината на Македонците кои живеат во соседните држави, но говорат дијалект на нашиот јазик. Сите изразуваат гнев поради ваквиот потег на Ковачевски, Османи и колегите. Сите Македонци од соседството имаат многу заедничко, пред се борбата за своите права низ целата историја. Дел од таа борба е и за македонскиот јазик. Понижувања пред официјална Софија, посебно се болни за Македонците од Бугарија, велат со погрешните политики сами си го правиме јазикот вештачки.

-Само се поткопува, бидејќи ако макеоднскиот јазик е формиран од дијалекти кои се зборуваат само на територијата на Република Македонија, тоа пак имплицира дека прво нема надвор, не се зборува надвор од Македонија. Второ на некој начин се имплицира одредена вештачност на тој јазик само на одредена политичка територија, не на дијалектна територија. И плус ја поткопува нашата борба за права, бидејќи бугарската позиција на чија што основа тие ги негираат нашите права е дека објективна основа да се тврди дека постои македонско малцинство, вели Стојко Стојков, претседател на ОМО Илинден Пирин. 

Гнев и разочарување има и во Мала Преспа, кај Македонците од Албанија. Од таму пред камерата на Алфа кажаа дека заради грците го сменавме името, сега не толчат Бугарите и нема да сопрат,но ние не смееме да потклекнеме.

-Ама што го сменавте името, јазк да ви е.Зорана барајте го да го обесат,а пак Груески не го даваше името, беше маж.И со Бугарија, Вам не Ве признава Бугарија до животно, вели еден жител на Пустец.

-Нормално,не да не боли тоа е жалосно што се прави во Република Македонија,овде не можат да сфатат луѓето што се прави, жално е,жално затоа што колку што Ве боли Вам што сте од другата страна на границата, истото и нас и од двете страни исти луѓе живееме.Мора нешто да се смени, или да се знае вистината, што е проблемот, вели Борче Цале од Пустец.

Гневот постои и кај Македонците во Егејот. Изразуваат големо незадоволство од ваквите политики на Ковачевски, Османи и колегите. Јоргос Пападакис, Македонец, новинар, вели во Грција не постои само еден дијалект на макеоднскиот јазик, па според него чудно е како ние самите си го ограничуваме јазикот само територијата на земјата.

-Фала Богу постојат неколку од најужниот во Костурско, до околу на Олимп планија, кои лингвисти велат дека е најужниот дел каде се слуша македонскиот говор, до источниот дел Драмско, Серско, Долноџумајско итн, вели Пападакис.

Сепак власта останува глува, на сите негативни реакции, па така беше прифатен францускиот предлог, а министерот за надворешни работи Бујар Османи, кажа дека воопшто не планираат да ја менуваат едностраната изјава за јазикот.

Матеја Петровски