Гневот на Македонците ги исплаши историчарите: Ќе се постигне ли договор за Гоце Делчев со Бугарија?!

Жестоките реакции на јавноста ги исплашија членовите на историската комисија, да направат нови отстапки во преговорите со Бугарија. Ваквите случувања доаѓаат во моментите кога се очекуваше да се постигне договор околу Гоце Делчев. Дека гневот на Македонците на еден начин ги врзува рацете на историската комисија за прифаќање на сите бугарски барања, покажува и незадоволството на официјална Софија.

Првиот на човек на бугарскиот дел од историската комисија Ангел Димитров, ни порача дека во Македонија се мислело само на антибугарска пропаганда, како и дека не сме биле подготвени за промени. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, за Алфа вели, самата работа на оваа заедничка комисија, довела до еден вид омраза на Македонците кон Бугарија, па поради тоа и историчарите во моментов не можат да си го договорат она што го планирале.

-Бугарите ги реализираат сите свои цели, меѓутоа македонскиот народ се освести на некој начин, стана против тоа, чувствува една навистина гадливост према Бугарија, тоа е факт неспорен. Тие се сега загрижени, не знаат што да прават, тоа ги врзува и рацете на комисијата, не може тие да работат против интересите на македонскиот народ, изјави Никовски.

Никовски е на ставот дека единствено за што оваа комисија е направена е да се докажеле историските тврдења на официјална Софија, дека не постојат Македонци, кои говорат македонски јазик.

-Таа комисија е направена со единствена задача да ги докаже бугарските историски небулози дека нема Македонци, дека ние сме Бугари, дека нема Македонци и слично. Ако е така значи основна наша задача е да таа се откаже, да ја прекинеме таа работа или да ги поставиме како што на почетокот рековме нашите основни барања, прво избришете се што е против Македонија во вашите учебници, а потоа ќе разговараме, изјави Никовски.

Ангел Димитров се пожали, дека ништо не се случило по агендата од последната заедничка средба во Скопје:  немало промена на учебниците за средниот век во Македонија и Бугарија, која според бугарскиот историчар, треба да се направи веднаш, и евентуалното, потенцира Димитров, заедничко чествување на Гоце Делчев.

-Тие немаат сознанија што се случувало во првата половина на минатиот век кога населението таму беше прогласено за српско и кога имаше терористички режим, кога таму имаше страшно насилство и постојани репресии. Тоа се чини дека воопшто не ги интересира, па знаат само за пропагандата и манипулациите по 1944 година, а за жал таа пропаганда е антибугарска . Тоа е интересен и важен сигнал пред се за атмосферата во која што работеше нашата комисија на последната 20-та средба. Можам да кажам дека таму нема подготвеност за некаква промена, порача Ангел Димитров.

Тој е на ставот дека македонскиот дел од историската комисија сами си ги рушат своите позиции со изборот на членови, како што е примерот со најновиот член Димитар Љоровски, чија експертиза на работа е историјата со Грција, а не со Бугарија.

Според последното истражување на фондацијата Конрад Аденауер голем број Македонци, дури 44 проценти ја смераат Буарија за најголем непријател на македонија, 57,1 проценти се против францускиот предлог, кој и покрај жестоките реакции од јавнсота беше прифатен од страна на македонската власт.

Матеја Петровски