});

„Глас за Македонија“ побара институциите да реагираат на обидот за референдумски поткуп на Заев

За обидот за референдумски поткуп од страна на Зоран Заев на средба со граѓани во Крива Паланка, партијата „Глас за Македонија“ денеска поднесе претставки до Јавниот обвинител, антикорупциската комисија, ДИК, Transparency International – Macedonia и мисијата на ОБСЕ во Скопје. Потегот на партијата доаѓа откако во јавноста излезе скандалозната информација дека газдата на „Минстрој“, сопственик на рудниците „Злетово“ и „Тораница“ го известил Заев дека ако треба ќе им даде и една плата плус на работниците ако гласаат, а самиот Заев на митинг побара од газдите да го одврзат ќесето пред референдумот.

Кривичниот закон предвидува најмалку 5 години затворска казна за обид за поткуп при избори и влијаење како да се гласа. Во членот 162 јасно стои дека „Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.

Реагираше и синдикатот за индустрија, енергетика и рударство. Бара газдите да не вршат политички притисоци врз работниците пред референдумот. Според СИЕР, директорите и сопствениците на фирми немаат право да агитираат кај вработените на работните места.

Од СИЕР велат дека газдата на „Минстрој“ не само што не треба да ги убедува работниците како да гласаат или да се обидува да ги поткупува со една плата плус, туку и на секој начин се обидува да го спречи синдикалното организирање. Намерно од нивните сметки не се минусираат пари за членство во синдикатот кој треба да ги штити нивните работнички права.

Тања Попова