Ги прифати ли власта барањата на опозицијата за СЈО или само принципите?

Ќе добие ли Македонија конечно јавен обвинител по предлог на опозицијата, а СЈО ќе стане дел од одделението за организиран криминал во рамки на ОЈО? Од ВМРО-ДПМНЕ толкуваат дека прифаќањето на принципите од страна на министерството за права, кои тие како партија ги доставија преку работните групи, е всушност и прифаќање и на самите барања кои произлегуваат од принципите.
Врз база на три принципи, опозицијата побара промени во предлог законот за јавното обвинителство. Вметнување на препораките од 11 меѓународни документи кои водат до современо јавно обвинителство, потоа почитување на човековите права преку обвинителство кое ќе ги штити граѓаните и го следи европскиот суд за човекови права, како и принципи кои водат до независно транспарентно и отчетно обвинителство, подалеку од рацете на власта. Дел од барањата покрај јавен обвинител по предлог на опозицијата и СЈО да стане дел од ОЈО, беа и Специјалното обвинителство да ги доврши започнатите судски предмети кои се поднесени до 30 Јуни 2017 година и согласно со законот да престане да ја извршува функцијата сегашниот персоналниот состав на ова обвинителство, како и формирање Анкетна комисија која го контролира трошењето пари на СЈО.
На последната работна средба која ја имаа со работните групи меѓу власта и опозицијата, министерката Десковска истакна дека сите меѓународни акти и препораки од меѓународните институции се испочитувани, иакоод ВМРО-ДПМНЕ го тврдеа спротивното. Власта изгледа се предомисли, па испрати соопштение во кое велат дека се надеваат на заедничко носење на законот со цел, како што наведоа, практично имплементирање на сите меѓународни принципи за работата на јавното обвинителство.
„Законот кој е во собраниска процедура ги имплементира сите меѓународни стандарди кои се однесуваат на областа на јавното обвинителство и значат заштита на човековите права, кои ја зајакнуваат независноста, неутралноста, отчетноста и ефикасноста во борба со криминалот од страна на обвинителството. Определбата за заштита на овие принципи не е само определба на Министерството за правда туку и на Република Северна Македонија која произлегува од нашето членство во Советот на Европа и аспирацијата за членство во Европската Унија“, велат од Министерството за правда.
Законот за јавно обвинителство до минатата недела беше во парламентот, вчера тој беше повлечен токму поради новите преговори.
Од страна на власта веќе се започнати и средби со помалите политички партии на кои се разговара за иднината на овој закон, кој е еден од клучните за отворање на преговори за членство во Европската Унија.

Meри Ѓорѓиевска