Гир порача дека уставните измени нема да бидат последното барање од ЕУ
И да ги вметнеме Бугарите во Уставот, се дури ваква корупција цвета во Македонија, огромен е ризикот за ново вето за почеток на преговорите со Унијата, велат дел од аналаитичарите, коментирајќи ја изјавата на евроамбасадорот Гир. Гир јасно даде дознаење дека ЕУ нема да застане со условите кон Македонија, како што вели тој – уставните измени нема да бидат последното барање од ЕУ, туку земјава треба да се фокусира на реформите, особено во владеење на правото.
Поранешниот амбасадор во В.Британија, Јован Донев за Алфа вели дека пропаѓаат во вода изјавите на владата дека само да се стават Бугарите во Уставот и преговорите ќе почнат. Според Донев, ситуацијата сега е многу поразлична, особено по реакциите на амбасадите на Холандија, Австрија, за корупција, но и на Американската амбасада која реагираше за случувањата во судскиот совет. Донев вели опасноста дека пак ќе извисиме ни е пред нос.
Може многу лесно да ни се случи, посебно Австрија, Холандија, нивните амбасадори имаа жестоки изјави, да стават вето на почнување на преговорите. Значи да ги вметнеме Бугарите во Уставот, може тоа многу лесно да ни се случи. А додека да заврши нашата процедура може и некоја друга држава да реагира. Таа опасност постои и тука не може ништо да направи ЕК, оти одлуките ги носат земјите членки, вели Донев.
И поранешниот амбасадор и вицепремиер Ивица Боцевски, вели дека и да ги почнеме преговорите, имаме многу работа дома, оти без реформи и усогласување со европското законодавство можеме да преговараме долги години.
Не случајно на 29 јуни имавме една неславна годишница, односно славевме несреќни 11 години од почнувањето на црногорските преговори со ЕУ. Србија наскоро ќе слави 10 години. Македонија и Албанија можат да ги отпочнат преговорите и да завршат во истото ова беспаќе кај што се Црна Гора и Србија. Борбата што ја води сега Македонија е нашето проширување исклучиво да се води според европското законодавство, а не според бугарските диктати, вели Боцевски.
Голем дел од познавачите и претходно предупрадија дека и да ги внесеме Бугарите во Уставот, нема вратите на Унијата магично да ни се отворат, бидејќи на Македонија и се неопходни реформи, и справување со корупцијата која може да биде главниот камен на сопнување и повторно да останеме во ЕУ чекалницата.
Мери Симоновска