НАЈНОВИ ВЕСТИ

Гиевски за Алфа: Врие во образованието – големи се шансите учебната година да започне со штрајк поради несериозноста на МОН

Учениците во трето и шесто одделение дефинитивно новата школска година ќе ја почнат без дел од учебниците, зашто тие биле во фаза на одобрување. Кога ќе добијат зелено зветло никој не знае, ама она што се знае е дека постои можност учебната година да почне со штрајк, вели за Алфа Томислав Гиевски, од Независниот синдикат за образование и наука. Според него, нема наставник кој не се жали од лошиот образовен систем, зашто не им се почитува колективниот договор. Сите бараат повисоки плати, ама од власта барем за сега не сакаат да седнат на маса и да разговараат.

  • Станува збор за огромно незадоволство коешто преовладува во основните и средни училишта, како резултат на понудените ниски 10% од страна на владата преку општиот колективен договор. Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк, ние како Независен синдикат за образование и наука активно работиме на окрупнување на силата со цел да можеме да го реализираме тој процес. Се разбира, доколку и побројниот синдикат го искористи тоа право, ние сме тука да се солидаризираме и да ги окрупниме силите за да ја оствариме таа цел. Револтот потекнува од најавените промени во секторот образование коишто не се совпаѓаат со законите. Револтот исто така е поради ниската потпросечна плата, а најголем е револтот на просветните работници поради непочитувањето на колективните договори, вели за Алфа Томислав Гиевски од Независниот синдикат за образование и наука.

За проблемот да биде уште поголем, наместо историја, наставниците по овој предмет ќе предаваат и родова еднаквост, верска етика, фотографија, и еден куп други изборни предмети, кои им ги предвидува новата образовна концепција од Бирото за развој на образованието. На ваквиот план на образовните власти, за предметот историја и општество, кој ќе почне да се применува во септември, реагираат професорите и наставниците, кој велат дека вака не може, ама очигледно е дека никој не ги слуша.

  • Реализирањето на настава без книги е нефункционално во целост, односно учебникот е многу битна алатка во нормално функционирање на наставата, односно на воспитно-образовниот процес. Без учебник прво нема координација наставникот. Без учебник може да дојдеме во ситуација и самите ученици да имаат потешкотии, додава меѓу другото Гиевски. 

Привремените „учебници“ ќе бидат во електронска форма, па така кој сака ќе може да си ги испечати, ама прашањето е дали сите се во можност да го направат тоа, со оглед на лошиот животен стандард.

Иако просечната плата во државата е 35.500 денари, наставник, стручен соработник во основно образование зема 29.200 денари. Па така, ако во целост се спроведе колективниот договор, исто како што функционерите го испочитуваа Законот и си ги зголемија платите за 78%, платата на просветните работници треба да биде 2,5 пати повисока од минималецот.

Борис Грујоски