Германски пратеници: одлуката за почеток на преговори ќе биде донесена во септември

Зелено светло од германскиот Бундестаг за евентуалното добивање на датум за преговори за Македонија е можно дури наесен ако биде ставено на дневен ред – јасна порака на пратеничка група на германскиот парламент која денеска е во Скопје. Шефот на германската делегација Јосип Јуратовиќ отворено кажа дека до состанокот на Советот на ЕУ нема одлука од германска страна, а бидејќи Бундестагот не испратил мислење до Меркел, нема позитивен сигнал за нашата земја до 18 јуни.

-На првата седница тоа не беше ставено на дневен ред, следната ќе биде на крајот на јуни значи по Советот на ЕУ, потоа следуваат годишните одмори. Првата наредна седница на која ќе дебатира германскиот парламент ќе биде за буџетот, тоа значи дека следната на која би било ставено ова прашање на седница на Бундестагот е крај на септември или почеток на октомври. Јас сум свесен дека оваа одлука се донесува 15 години подоцна но станува збор за еден процес на започнување на преговори, тоа не значи членство, но е процес кој е многу значаен за демократијата и развојот на демократските институции, вели германскиот пратеник Јуратовиќ.

И додека премиерот Заев во Берлин ја убедува Меркел, пратениците во македонското собрание со германските колеги споделија пораки дека земјава не блеска како што убедува македонската влада. Пратеникот Антонио Милошоски дециден – го живееме јуни без добиен датум спротивно на ветувањето на власта, а македонскиот народ заслужува да стане дел од европското семејство.

-Јуни го живееме, а датум немаме. Би сакале тоа да биде што побрзо и прва наредна прилика. Политичкиот пристап на одредено заканување со можен ризик како што тоа го прави премиерот Заев – ако не добиеме датум владата ќе падне или ќе има дестабилизација политичка или било каква, барем за Германија не мислам дека е соодветна, смета Милошоски.

Германската делегација седна на маса и со претседателот на Собранието Талат Џафери и групата пратеници за соработка со Германија предводена од Влатко Ѓорчев.

Ивана Соколовиќ Најдова