Германските инвеститори и дадоа нула на владата, ја оценија економијата како лоша

Германците и дадоа нула на Владата – ова е оценката во последната анкета на Делегацијата на германското стопанство врз германските инвеститори во земјава. Мнозинството од инвеститорите се незадоволни од тоа како функционира актуелната влада. Толку биле фокусирани на решавање на спорот за името и надворешната политика, што ја запоставиле економијата. 56% од германските инвеститори сметаат дека деловното окружување е лошо, а само 5 отсто го оцениле како добро.

Германските инвеститори се незадоволни и од бавната реализација на инфраструктурните проекти. Како главни проблеми кои им  пречат во работата ги посочуваат корупцијата, криминалот, неефикасната администрација, правната несигурност. Бараат подобро функционирање на судството, а и забележуваат на Владата што не ги консултира навреме кога носи важни реформи, како на пример кога ги зголемува даноците и минималната плата.

Покрај лошата оценка за економската состојба, мнозинството од инвеститорите не очекуваат поголеми промени, ќе останат со истиот број на работници, а 48% од нив не планираат да ги зголемат инвестициите. И покрај ваквите бројки, 60% од испитаниците се задоволни од состојбите во нивните компании, а 76% повторно би инвестирале во земјава. 200 германски фирми вработуваат 20 илјади луѓе, а трговската размена со Германија достигна 3.6 милијарди евра.

Тања Попова