Генчовска со детали за пироманот од Битола – за разговорите со Османи ништо поконкретно

Министерката за надворешни работи на Бугарија во улога на истражен орган – за бугарски медиуми веќе го раскажала целиот инцидент што се случи вчера во Битола. Ги гледала снимките од палењето на влезот на Културниот Центар Ванчо Михајлов, каде непознато лице со маска и велосипед, истурило бензин и ладнокрвно предизвикало пожар.

Моите очекувања се дека судството во Македонија ќе си ја заврши работата. На снимките можев да видам човек кој мирно пристигнува со велосипед и мирно истура запалива течност пред вратата од објектот. Огнот е израз на говор на омраза. Нашите очекувања се дека Македонија и нејзината влада ќе имаат конзистентна и сеопфатна политика за надминување на говорот на омраза – изјави за бугарски медиуми министерката Генчовска.

За сега од надлежните институции нема многу детали. Од МВР велат дека работат на расчистување на случајот по насоките на Јавното обвинителство. А додека се трага по сторителот, бугарското МНР веќе му врачи протестна нота на нашиот амбасадор во Софија.

Дводневната посета на бугарската министерка поминува во сенка на инцидентот. Ниту денеска нема конкретни информации за што разговараат двајцата колеги Генчовска и Османи.

Министрите Османи и Генчовска, заедно со експертските тимови на министерствата на Македонија и Бугарија, денес продолжуваат си активностите и дијалогот за поплочување на заедничкиот пат на интеграцијата – информираа од МНР.

Шефицата на бугарската дипломатија вчера само кратко соопшти дека продолжувале со конструктивниот дијалог и очекува дека Македонија ќе ги исполни нивните барања. Вечерта таа имаше средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кој испрати порака дека нема да прифати договор доколку не биде вклучен во преговорите и истите се на штета на македонскиот идентитет. Мицкоски побара од Генчовска, официјална Софија да го тргне ветото, да се отворат преговорите без понатамошни условувања.

Адријана Алексиеска