Гацов и Славески: Мали ингеренции, но претседателот може да има економско влијание

И покрај тесните ингеренции на претседателот на државата на полето на економијата, новиот претседател може да направи многу на економски план – согласни се професорот Трајко Славески иданочниот експерт Павле Гацов кои вечерва беа гости во емисијата „Во светот на бизнисот“ на Алфа.

Според универзитетскиот професор Трајко Славески и покрај тоа што главна асоцијација за претседателот на државата е тоа што тој ја претставува државата надвор, надворешната политика и безбедноста, безбедноста на државата се обезбедува и со силна економија што обезбедува раст на животниот стандард, задоволство кај граѓаните и намалување на сиромаштијата.

„Ова му дава за право на претседателот на државата, формално и неформално, кога за тоа ќе има потреба да го каже своето мислење за одредени настани, состојби, политики. Да се обрати пред парламентот, не само во оној период пред Нова Година, чин кој е повеќе свечен и куртоазен.Мала земја како нашата треба да тежнее повеќе да ја развива т.н. економска дипломатија. Фокусот на нашата дипломатија треба да се стави на формирање на јадра во амбасадите потпомогнати со економски промотори кои ќе ја промовираат државата како дестинација за водење бизнис, за привлекување на странски инвестиции и како туристичка дестинација“ – рече универзитетскиот професор Трајко Славески.

Според Гацов, претседателот може да воведе нови правила и начини на постапување што досега не биле користени.

„Претседателот може да формира свој економски тим од економисти кои ќе го советуват и ќе бидат алатка за испраќање пораки од претседателот кон извршната власт, бидејќи извршната власт смета дека секогаш најдобро владее, носи најдобри политики, но не е лошо да се размислува во таков контекст.Ние во ваков систем, со овие ингиренции што ги има претседателот, тој може да додава само помошни алатки што ќе ја подобруваат економијата. Кога станува збор за избор на гувернер на Народнатаа Банка беше објаснето дека овој претседател ќе нема можност да дава предлози за избор (гувернерот беше избран лани со 7-годишен мандат). По изборот јас очекувам повремено претседателот да с еобраќа преку тој клуб на економисти, преку коморите да направи обид да формира некакво јавно мислење, да го координира, конципира и испорачува како став на претседателот кон извршната власт“ – рече Гацов.