„Гардијан“: Сојузниците на САД откажуваат послушност за воена интервенција во Венецуела

Американскиот потпретседател Мајк Пенс одново прати завиена порака за можна воена интервенција во Венецуела, но САД изгледаат се поизолирани во подготвеноста да употребат сила за симнување од власт на претседателот на Венецуела Николас Мадуро, пишува британски „Гардијан“.

Како европските, така и некои од клучните сојузници на САД од Јужна Америка предупредија дека би се спротиставиле на испраќање воени сили во Венецуела, иако сите тие го признаваат венецуелскиот водач Хуан Гуаидо за легитимен лидер на земјата.

Гуаидо со недели инсистираше дека неговото движење е насочено кон мирна демократска проена во земјата, но откако за време на викендот не успеа да оди контра одлуките на власта и да внесе хуманитарна помош во Венецуела, тој ја повика меѓународната заедница „да ги остави отворени сите опции“ за понатамошно делување во Венецуела.

Зборувајќи на итниот самит на лидерите од Јужна Америка во Богота, Колубија, Пенс ја повтори заканата за интервенција опишувајќи го Мадуро како „узурпатор“ и повикувајќи на глобален напор за да се симне од власт.

„До лидерите низ светот: време е. Не може да има неми посматрачи во битката за слобода во Венецуела. Се надеваме за мирна транзиција кон демократија, но како што кажа претседателот Трамп, сите опции се на маса“.

Бразилскиот потпретседател Хамилтон Моурао изјави дека во ниту едни околности нема да им дозволи на САД да интервенираат во Венецуела преку бразилска територија, иако претседателот Болсонаро претходно рече дека „би сторил се за враќање на демократијата во Венецуела“. Колумбискиот претседател Иван Дуке исто така ја отфрлил можноста за интервенција, исто како и Чиле и Перу, стои во анализата на „Гардијан“.

„Не секоја опција е на маса“, изјави на оваа тема Жозеп Борељ, шпанскиот министер за надворешни работи. Европската шефица за надворешна политика Федерика Могерини исто така нагласи дека не може да има воено решение на политичката криза.

Властите во Каракас одговорија на пораките од итниот самит во Колумбија и ги обвинија САД и земјите од „Групата Лима“ за спроведување жестока кампања за да се симне од власт Мадуро газејќи на основните меѓународни човекови права.

Во изјавата на властите на Мадуро се отфрлени обвинувањата од Пенс, обвинувајќи го американскиот потпретседател за „обид да им наредува на други земји да се приклучат кон безобразниот грабеж кој Вашингтон го спроведува кон богатствата на Венецуела“.