Габриел Бајрам не се јавил во полицијата за копањето биткоини во ГТЦ, ама се појавил на владината прослава за ЕУ

Габриел Бајрам и МВР си играле криенка се до 30-ти јуни кога со полициска придружба бил однесен во станица на распит за кражбата на струја во ГТЦ. Бајрам претходно не одговорил на ниту една од поканите, да се појави во полиција на распит, иако службениците го барале писмено и телефонски, ама затоа не се осудил да ја одбие владината покана за забавата во Клубот на пратеници за старт на фазите за преговори со ЕУ. Додека полицијата го бараше, Бајрам рамо до рамо славеше со првиот човек на МВР, Оливер Спасовски.

„ По неколку неодговарања на покани и непојавување на службен разговор во полициска станица, а по распишан централен распис, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје го лишиле од слобода Г.Б.(40) од Скопје и со него бил извршен разговор во полициска станица”, велат од МВР за МКД.мк.

Лани, кога беше откриено дека во подрумот на ГТЦ се копаат криптовалути а притоа струјата се обезбедува на нелегален начин, Обвинителството и МВР кажаа дека нема пријава за кражба. Дуќанџиите на 16 ноември лани побараа да бидат пријавени, бидејќи се сомневаа во двојна кражба на електрична енергија од ГТЦ, првиот пат од заедничката сметка за струја, а вториот преку наплата на украдената струја од сметките на дуќанџиите, кои биле повисоки за дури 500 отсто. Сега обвинителите постапувале по наредбата од МВР да се направат проверки. 

Во врска со настанот во ГТЦ, Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по примено известување од МВР, издаде наредба за да се направат неопходните проверки со цел да се утврди фактичката состојба. По наредбата се постапува.

Во полициска станица, биле извршени службени разговори и со надлежните во ЕВН и Градскиот трговски центар Скопје. Од МВР уверуваат дека откако ќе ја завршат својата работа се ќе достават на адреса на ОЈО.

Од 16 ноември минатата година браќата Бајрам ги напуштија подрумите на трговскиот, а колку време користеле струја без да плаќаат и копале криптовалути се уште не се знае. Обвинителството вели дека поради ова не може да постапуваат бидејќи не е кривично дело.

Викторија Миткова

Поврзани вести