Вчера во болница, денеска во судница- здравствената состојба на Јанакиески се влошува

Екс министерот Миле Јанакиески утрово само на помалку од половина час беше донесен со затворска полиција до скопскиот кривичен суд. Иако рочиштето за Траекторија се одложи, сепак судијата испратил наредба до Шутка за Јанакиески да биде спроведен од притворот. По 12 дена штрајк со глад, Јанкиески синоќа заврши во болница имал силни болки во бубрезите, но лекарите одлучиле дека може да се лекува во притворското одделение во затворот Скопје.

Лошата здравствена состојба на Јанакиески ја потврди и неговиот адвокат, Еленко Миланов, велејќи дека тој ја одбива храната во затворот, што според него е најверојатно причината поради која синоќа завршил во болница.

-Миле Јанакиекси е однесен на Клиника поради влошување на здравствена состојба во врска со неговите бубрези. Била направена интервенција, инфузија, дадени веројатно лекарства и после тоа е вратен во затворот. Колку што знам се уште штрајкува со глад, одбива прием на храна. Така што, ова што синоќа се случи најверојатно е последица на таа состојба со одбивањето на храна, изјави Миланов.

Миланов изјави дека причините поради кои неговиот клиент се решил за штрајк со глад, е револтот поради определувањето на мерката притвор.

-Штрајкот колку што знам од самиот старт е револт на однесувањето и определувањето на мерка притвор, иако тој е тука, две години малтене постојано во судница, три пати во притвор, актуелно во куќен притвор и секогаш е достапен и нема ниту една забелешка  од ниту еден орган кој го спроведуваше досега од куќниот притвор, во било која постапка додека тој се наоѓаше во куќен притвор дека има и најмало непочитување од негова страна. Која е потреба и сврхата од ваква мерка?, праша Миланов.

Јанакиески 13 ден продолжува да штрајкува со глад, поради апсурдните одлуки на Судот, за неговиот притвор. Пред околу 2 недели,  во ист ден судот донесе две различни одлуки првата Јанакиески да биде во куќен притвор, а неколку часа подоцна тој да биде притворен во Шутка.

Матеја Петровски