Втор круг претседателски избори во Бразил

Во Бразил денеска се одржува втор круг од претседателските избори, на кои граѓаните избираат помеѓу десничарот Жаир Болсонаро и левичарскиот кандидат од Работничка партија Фернандо Хадад.

Според анкетите фаворит е Болсонаро, за кого би гласале 57 отсто од граѓаните, додека за Хадад се изјаснија 43 проценти.

Болсонаро е кандидат на конзервативната Социјал-либерална партија, а медиумите често го нарекуваат „бразилски Трамп“.

Тој споредбата со американскиот претседател ја користеше и за време на кампањата, залагајќи се за првото Бразилците слободно да купат и носат оружје, заштита на националната економија и ограничување на влијанието од Кина.

Болсонаро е поранешен воен капетан, кој за време на кампањата ветуваше борба против корупцијата и оти ќе стави крај на политичката трговија во бразилската политика. Тој, исто така, најави и намалување на бројот на министерства ос 29 на 13 со цел да се сузбие корупцијата и непотизмот.

Болсонаро во првиот круг, при што учествуваа 13 кандидати, што се одржа пред две недели, освои убедливи 46 проценти од гласовите.

Тој за време на предизборната кампања беше тешко повреден во обид за атентат, но брзо заздрави по операцијата.

Противкандидат на Болсонаро е поранешниот градоначалник на Сао Паоло, Фернандо Хадад, чие главно мото е „Хадад – тоа е Лула“.

Бразилското Обвинителство покрена обвинение против Хадад дека во 2012 година незаконски присвоил 635.000 долари од една градежна компанија и парите ги искористил за предизборна кампања.

Хадад тврди дека обвинувањето е политички мотивирано.

Бразил има 210 милиони жители, а право на глас имаат граѓаните постари од 16 години, а гласањето е обврзни за гласачите на возраст од 18 до 69 години.

Инаугурацијата на новиот шеф на државата предвидена е за 1 јануари 2019 година.

Во периодот од 2000 до 2012 година Бразил беше најбрзорастечка економија во светот, но во 2014 година земјата беше погодена од рецесија и оттогаш стагнира економскиот раст. Бразил е дел од групата БРИКС во која учествуваат и Русија, Кина, Индија и Јужна Африка.