Втор ден молк од Министертвото за животна средина по сторијата на Алфа: Дали е безбедна водата што ја пијат скопјани?

Молк од Министерството за животна средина за скандалот што го објави Алфа дека во близина на заштитената зона на изворите Рашче се исфрлаат отпадни материјали кои содржат тешки метали меѓу кои и канцерогениот шестовалентен хром. Веќе втор ден нема одговори на серијата прашања што ги поставивме, меѓу кои клучното, дали водата што ја пијат скопјани е безбедна.

Алфа дојде до Упатството и до Договорот помеѓу Министерството и фирмата Езотех. Во нив јасно стои дека отпадот ќе се зема од пречистителната станица на некогашен Југохром и ќе се носи на точно утврдена локација – помеѓу реките Вардар и Габровница од едната страна и пругата Скопје – Тетово од другата, односно во местото „Калиште“, што значи дека практично надлежните знаеле дека тоа се наоѓа во близина на заштитената зона на изворот.

„Милта ќе се носи/врати на индустриската депонија за отпаден хром и друг вид отпад од поранешното производство на поранешен ХЕК Југохром која е лоцирана во близина на реката Вардар, еден километар северно од селото Јегуновце“– стои во Упатството помеѓу Министерството и фирмата „ЕЗОТЕХ“ до кое дојде Алфа.

Станува збор за стара депонија која со години е затворена, но сега практично се реактивира.

„Површината на депонијата е околу 30.000 квадратни метри со просечна висина од 23 метри и содржи околу 2.029.000 тони отпад“ стои во Упатството.

Во Упатството се наведува дека овде треба да биде ископана дупка длабока три метри, широка 10 и долга 20 метри каде ќе се складира донесениот смет. Таа веќе е направена, а при ископот се откопани претходни наслаги на отпад што може да се види и од снимките кои ги направивме на самото место.

Оваа депонија е една од жешките еколошки точки во Македонија. Овде со децении се носеле остатоците од индустриското производство на Југохром кои, меѓу другото, содржат хромати на калциум, алуминиум, натриум, но и шестовалентен хром за кој е докажано дека е канцероген односно опасен за човекот и животната средина.

Викторија Миткова

Advertisements