Врие во здравството, сите бараат повисоки плати и подобри услови за работа
Здравствените работници го креваат гласот за повисоки плати од септември за јавното здравство да не колабира. Медицинскиот персонал прашува до кога власта ќе биде глува на нивните барања за ветеното и заслуженото покачување на платите. Покрај медицинските сестри и техничкиот персонал, последни во низата бараат возачите во јавните здравствени установи незадоволни од третманот од Министерството за здравство. Велат дека нивните плати се под минималецот, а не им се исплаќаат ниту додатоци, ниту имаат бенефициран стаж.
- „Поради брзо возење имаме колеги кои добиваа казни. Кога сме во сообраќаен метеж, полицијата не дозволува да минеме со предимство, а за живот се работи. Докторот во колата вели ‘вози побрзо’, а јас него мора да го слушам. Возила со предимство сега се само возилата за придружба“, кажа Боре Трпков, од НСМП.
Во истовреме и техничкиот персонал во здравствените установи бараат зголемување на платите за 30 проценти и подобри услови за работа. Независниот синдикат на геријатрија не се согласуваат со новиот колективен договор, бидејќи како што велат има многу недоречености.
- Имаат измешано буквално баби и жаби каде што определен број на вработени ставени се во група на минималец иако претходно биле во други групи. На пример минималецот кога беше 15.200, истите тие вработени се ставени во минималец имаат плата од 17.000 денари, што значи нивниот коефициент 1.877 треба да биде 2.362 и да им следува покачување на плата како што следува и на другите. Тоа се категории на болничари, негуватели, возачи на брза помош, обезбедување коешто го имаат самите здравствени установи, рече Лазар Костовски, претседател на независниот синдикат на геријатрија.
Како што рекоа лекарите, прагот на толеранција им е до први септември, ако не им се усогласат платите – белите мантили излегуваат на улица. Освен тоа, се закануваат и со над 1.000 тужби до ФЗОМ.
Здравствените синдикалци освен повисоки плати, бараат и обединување на Клиничкиот центар што поскоро со тоа би се заштедиле над милион евра годишно укинување на приватните специјализации но и решавање на статусот на сите ангажирани со договор на дело подолг од шест месеци.
Откако здравствените работници го кренаа гласот, од министерството за здравство соопштија дека од септември ќе седнеле на иста маса и подетално ќе се разгледате одредени актуелни прашања, меѓу кои и пресметување и исплата на платите во здравствената дејност.
Борис Грујоски