Врие во ДУИ каде фракционерите го стегаат обрачот околу Ахмети

Фракцијата на ДУИ, Артан Груби и Алијанса за Албанците – Али Ахмети меѓу три огна. Се вжештува атмосферата кај интегративците, а со тоа расте цената на Таравари и неговиот евентуален влез во Владата, кој многу лесно може и истата да ја урне. Незадоволството од Артан Груби и Бујар Османи, на членовите на ДУИ сега не е единствената причина поради која се стега обрачот околу главниот коалиционен партнер на власта. Тензиите растат и поради засилените активности за зајакнување на владиното мнозинство, нешто со кое незадоволната група на ДУИ не се согласува. Пратеникот од редовите на интегративците Изет Меџити, по синоќешната средба со подмладокот на партијата од Скопје предупреди дека сценариото Таравари во власта било само патерица за спас на Груби:

„Непотребни се некои движења деновиве што се случуваат, бидејќи има стабилно мнозинство и сѐ друго е во функција да се спаси Артан Груби. Нема ништо заедничко со интересите на граѓаните, со интегративниот процес, со уставните промени, туку се ова е акробација во функција да се спаси ова, зборувам за делот на ДУИ, кој е нелегитимен кај народот. Но, нивна одлука е (на АА – нз.з)  и ако одлучат така, ќе бидат патерица на Артан Груби“, рече синоќа Меџити.

Ако влезот на Алијанса за Албанците првично се сметаше за важен чекор во создавањето што поширока коалиција за продолжување кон европскиот пат, но и стабилизирање на парламентарното мнозинство, сега може дополнително да го разгори огнот во ДУИ. Од партијата на Таравари соопштија дека конечната одлука ќе се носи викендов за кога според најавите ќе имало и средба на Таравари со американсакта амбасадорка Анџела Агелер. Дека постојат шанси за влез на Алијансата за Албанците во Владата, вчера потврди и премиерот Ковачевски, но беше дециден дека тоа ќе зависи од политичкиот договор.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста