Врз противпожарно возило од Прилеп паднало дрво, еден пожарникар хоспитализиран
Викендов, при гаснење на голем пожар во атарот на долненските села: Зрзе, Дебреште, Маргари, Крапа од кој загрозен бил и Манастирот „Св. Преображение“ – Зрзе, дрво паднало врз едно од двете противпожарни возила на ТППЕ Прилеп и посериозно повредило еден пожарникар. Повредениот пожарникар е хоспитализиран на Хируршкото одделение во прилепската Болница со набиеници на градниот кош. Другите двајца пожарникари кои биле во возилото, за среќа, поминале без повреди.
„Јас сум пожарникар повеќе од 20 години и онакво невреме не сум видел ниту јас, ниту пак моите колеги. Она беше невиден феномен таму горе во планината. Сме виделе многу страшни слики, и од пожари, и од поплави, и од други елементарни непогоди, ама она што го доживеавме во саботата околу 18 часот, не се опишува со зборови. Како небото да се отвори. Ветар, карпи, дрвја паѓаа, се закачија во нас како ракети…Нешто невидено“, – ни раскажа за Алфа повредениот пожарникар, Зоран Граороски.
Хоророт кој го преживеале прилепските пожарникари, ни го потврди и командирот, Христијан Момироски, кој вели дека иако секогаш безбедноста на пожарникарите треба се става во прв план, сепак самата професија е доста ризична и непредвидлива. Ова, особено што речиси сите македонски противпожарни единици кубурат и со професионален кадар, а и со современа техничка опременост.
„Пожарникарството, како една од најхуманите професии, треба целосно да се вложува во целата служба со набавка на нови противпожарни возила. Во моментов во ТТПЕ на Прилеп ни фалат теренски возила со поголема количина на вода 4х4 за да можеме поадекватно да делуваме на понедостапните терени и да бидеме побрзи и подинамични во работата. Ни недостасуваат професионални пожарникари, во моментов околу 15-тина“, – ни изјави за Алфа, Христијан Момироски, командир на ТТПЕ – Прилеп.
Според Момироски, само во изминатиов викенд имале преку 13 сериозни интервенции, како во Прилеп и околните села, така и во двете соседни општини, Кривогаштани и Долнени, кои исто така ги опслужуваат. „Со цел непотребно да не ги ризикуваме нашите животи, а со оглед на се’ понепредвидливите временски услови, како и на нашата слаба опременост, граѓаните можат да ни помогнат најмногу со својата внимателност при ракувањето со оган, посебно во овој летен период“, – апелира Момироски.
Каролина Дурло