Враќањето на Борисов може да ја заостри политиката кон Македонија?!

Не само што нема да има подобрување во односите Скопје-Софија, туку не се исклучува можноста и за уште позаострена реторика од Бугарија, ако Бојко Борисов формира влада. Претседателот на ГЕРБ и е добро познат на македонската јавност, како човек кој го стави ветото за македонските евроинтеграциии но и го подигна прашањето со Македонија до национално ниво. Оттука никако не може да се очекува подобрување во односите, и секоја еуфорија би била лажна. Вака дел од експертите ја коментираат моменталната состојба на бугарската политичка сцена и како таа ќе се рефлектира во бугарската дипломатија, посебно за македонското прашање.

Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, не би било изненадување доколку има и дополнителни барања од Бугарија, бидејќи до сега имавме впечаток дека тие не знаат што сакаат и што бараат.

Не би ме изненадило доколку има и други барања од Бугарија, бидејќи до сега имавме впечаток како тие да не знаат што сакаат и што бараат. Францускиот предлог помина и низ бугарското Собрание, оттука би било несериозно Бугарија да води таква надворешна политика и дипломтијата, односно да има нови и нови барања. Сепак, треба тоа да го земеме со резерва, бидејќи од Бугарија не ме изненадува ништо. Можеби, за да ја зацврстат својата патриотска и национална улога во полтиичкиот живот, ќе наметнат и нови барања – коментира политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски.

Политиките на досегашиот премиер Кирил Петков иако беа само продолжение на дотогашните, беа во позавиена форма. Сега на сцената се враќа добро познато лице со исклучително цврсти ставови за Македонија. Според поранешниот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски, без разлика кој ќе коалицира со Борисов, нивните позиции кон Македонија се јасни и перманентни, и до нив се држат сите партии.

Тој став кој преовладува во Македонија дека некоја нова влада во Бугарија би сменила нешто е само тактика. Тука не станува збор за стратегија и промена, туку сето ова е прашање на нијансирање на надворешната политика од нивна страна. Впрочем, декларацијата која се однесува на Македонија е едногласно изгласана. Рамковната позиција до која се држат сите е донесена во време на Борисов. Петков не само што не ја отповика, туку ја спроведе на дело. Не ми беше јасна и таа еуфорија за Кирил Петков, и очекувањата дека неговата политика ќе биде поразлична. Петков беше само едно убаво лице кое требаше да ја спроведе грозната политика – вели поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор, Ивица Боцевски.

Која политичка формација ќе ја предводи бугарската влада, се уште е неизвесно. Фактот дека со Борисов треба да коалицираат уште две политички партии за да се формира влада, уште повеќе ја отежнува работата.

До сега неколку партии веќе одбија да коалицираат, меѓу кои и партијата на Кирил Петков. Со ова веднаш се исклучува можноста за широка коалиција. Во меѓувреме, поранешниот технички премиер Стефан Јанев, кој доби изненадувачки голем процент од гласовите, порача дека е спремен за коалиција. Тој пак на бугарската политичка сцена е познат како „продолжената рака“ на претседателот Румен Радев, кој исто така има цврсти ставови за македонско-бугарските односи.

Адријана Алексиеска

Advertisements