Вработените од „Комунална хигиена“ ќе добијат К-15, но само 3.000 денари

Вработените од ЈП „Комунална хигиена“ до крајот на годинава ќе добијат К-15, но само 3.000 денари, што е спротивно на Колективниот договор. Директорот на претпријатието потпиша спогодба за исплата на регрес за годишен одмор со претседателот на Сојузот на синдикатите. Според донесената одлука, работниците на „Комунална хигиена“ ќе добијат пари за 2016 , 2017 и 2018 година.

Директорот рече дека сега „Комунална“ била во добра финансиска состојба, а вработените ќе ја добијат оваа сума за претпријатието да може да остане на здрави нозе.

– Би сакал да го изразам своето големо задоволство од донесената одлука, имајќи предвид дека кон вработените во претпријатието повеќе од една деценија не била исполнета оваа законска обврска на работодавачите, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани, најавувајќи дека ќе настојува секоја наредна година вработените од претпријатието да добиваат регрес за годишен одмор.

Првиот човек на Сојузот на синдикатите рече дека прават се за правата на работниците. Ги отфрли сите обвинувања кон него дека потпишувал договори за лична корист, и рече дека наскоро ќе имало и нов договор со повисока сума.

Претходно, дел од синдикалците за Алфа потврдија дека согласно Колективниот договор, К-15 треба да изнесува 24.000, а не само 3.000 за изминатите три години. Димовски рече дека не ги признавал другите синдикати, зашто како што рече, тие биле не релевантни.

Реакциите стигнаа откако претседателот на ССМ потпишал документ за исплата на К-15 за работниците на „Водовод“ дури 8 пати помала од предвидената сума, откако претходно дал согласност директорот на „Водовод и канализација“ Скопје.

Инаку, во колективниот договор стои дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата ако работел најмалку 6 месеци во текот на годината кај ист работодавач.

Борис Грујоски