Вработените од „Колска” го блокираа железничкиот сообраќај – бараат решение за фабриката да не згасне

Вработените од велешката фабрика за шински возила „Колска“, продолжуваат со протестот и утре. Велат дека нема да дозволат УЈП да продаде дел од имотот на нивната фабрика поради долг. Вработените се заканија дека ќе поднесат пријава до државниот трудов инспекторат, бидејќи во „Колска“, последна плата земале во мај, а неколку месеци се исплатувала плата пониска од законскиот минимум. Од ССМ велат дека веќе 6 месеци сметката на компанијата е блокирана од страна на УЈП.

6 месеци веќе талкаме во место, бараме средба со премиерот, со вицепремиерот, одговор немаме никаков. Со една цел, најбитната цел, што цело време ја бараме, еднаш да се реши статусот на фирмата, за да може да функционираме како фирма, бидејќи со овие услови што се моментално ние не можеме да функционираме. Моментално сме со блокирана сметка, со неисплатена јунска плата и со 4 месеца неисплатена минимална плата – изјави Тони Арсовски од ССМ

Македонскиот работник е гладен, овие сирени што ги слушаме денеска се аларм за младите да ја напуштат оваа држава, бидејки ако во едно државно претпријатие нема иднина за работниците кога работодавач е државата што останува за останатите претпријатија во државата  , изјави Дарко Димовски – претседател на ССМ

Вработените побараа УЈП да ја одблокира сметката на фабриката, од УЈП пак велат дека фабриката не ги подмирила долговите навремено и поради тоа се блокирани по сите основи

„УЈП, ги исцрпи сите правно законски механизми кои и беа на располагање на фабриката за шиински возила „Колска“, за која имаше донесено решение за одлагање на репрограмиран долг, по кое решение „Колска“ не успеа навремено да ги намират ратите за репрограмираниот долг, но и новодоспеаните долгови. Поради тоа се блокирани по сите основи.“ – велат од УЈП.

Фабриката Колска е под државна капа. Работниците бараат да се спои со МЖ Транспорт или МЖ Инфраструктура со што би се решиле нивните проблеми. Тие редовно штрајкуваат зашто редовно им доцнат и платите. Фабриката за шински возила „Колска“ постои 105 години, таа е единствена во земјава што може да поправа патнички и товарни вагони. Пред 20 години броеше 320 вработени, а денес има само 78.

Бојана Златкова