Дел од вработените на принуден одмор, ОДВ Електрик најавува отворање нови работни места

Праќаат вработени на принуден одмор ,а најавуваат отворање на нови работни места. Откако во јавноста излегоа информации дека странскиот инвеститор ОДВ Електрик кој работи во охридско – струшката зона летово испратил дел од вработените на принуден одмор, денеска од компанијата најавија старт на втората фаза со дополнителни 90 вработувања. Инвеститорот негира дека има проблеми во работењето, но не објасни зошто планот за вработување на вкупно 1.200 луѓе го смени со отворање на 1.000 работни места.

„Во моментов ние вработуваме 312 лица, а со оглед на тоа дека бевме нов инвеститор, нова компанија во Македонија, добивме само неколку нови проекти. Почнавме со 4.2 милиони евра, но во следната фаза планираме да вработиме 100 луѓе. Се надеваме дека ќе имаме нови проекти и ќе имаме повеќе работа, со што ќе стигнеме до бројката од 1000 лица“ – рече Мартин Ехрет, главен извршен директор на ОДВ Електрик.

Инвеститорот не вработува според предвидената динамика. На самиот старт, најави дека во првата фаза ќе вработи 500 лица, па потоа дека во браунфилд објектот во Охрид вработувањата ќе достигнат 600 работници. Моментално во фабриката се ангажирани 312 луѓе. Инвеститорот сега најавува дека во втората фаза ќе вработи уште 90 лица со што повторно нема да го постигне посакуваниот таргет. Меморандумот за реализација на втората фаза од инвестицијата го потпишаа денеска во Владата.

„Договорот е подготвен, тој во моментов е во Комисијата за заштита на конкуренцијата. Неделава ќе излезе решението и следната владина седница ќе биде потпишан Договорот за државна помош, што значи дека со тоа почнува втората фаза од инвестицијата, тие можат да почнат со градба и таа градба, како и секоја друга фабрика, ќе заврши во одреден период не повеќе од година дена, кога ќе биде донесена и опремата, а со самото тоа и вработени работниците“ – рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Германскиот инвеститор ОДВ Електрик кој произведува компоненти за автомобили ја најави инвестицијата во 2014-та. Договорот со претходната Влада го склучи во јули 2015-та, извесно време работеше во просториите на охридски ЕМО, а во септември минатата година ја отвори фабриката во охридско – струшката зона. Вкупната инвестиција треба да достигне 15 милиони евра.

Тања Попова