Вработените во културата без плата за април, доцни порамнувањето на платите

Доцнат платите на вработените во културните установи. Илјадници работници на една недела пред истекот на месец мај се уште не ја добиле платата за април. Причината е тоа што министерството за култура доцни со најавената нивелација на платите. Синдикатите се бесни. Обвинуваат дека ако процесот не бил закочен поради изборите и администрацијата почнала навреме со работа, илјадници вработени во културата не би се нашле во ваква ситуација.

Со нивелацијата треба да се изедначат, на пример, примањата на актер во Драмски театар во Скопје со оној во Струмички театар или пак иста сума да земаат видео техничари во Кинотека на Македонија и Младински културен центар од Битола. Синдикатите обвинуваат дека министерството за култура е селективно во процесот, па голем број работници ќе извисат. Велат оние со најниски плати ќе добијат најмало, а оние со највисоки, најголемо покачување на примањата, што создава раздор меѓу колегите. Работниците не биле доволно информирани околу деталите за тоа како се одвива процесот на нивелација на платите.

Платите во културата беа непроменети со децении наназад. Синдикатите велат дека работниците сега колку толку ќе добијат пристојни примања, но и дека Владата не треба да остане само на овој потег, туку да ги зголемува платите согласно инфлацијата. Овие работници со години имаа најниски плати во јавниот сектор. Од СОНК пресметаа дека просечната плата во овој сектор е за дури 100 евра пониска од републичкиот просек.

Тања Попова