Во јануари катастрофална реализација на капиталните инвестиции од само 1.09%

Катастрофалната реализација на капиталните инвестиции продолжува и во 2019-та година. Само 1.09% од планираното  било реализирано во јануари – покажуваат официјалните податоци од министерството финансии. Бизнисот алармира дека инфраструктурните проекти се клучни за нивниот развој. Од Стопанската комора на Македонија велат дека бараат максимална, 100%-тна искористеност на превидените пари. Ќе вршат притисок врз Владата да го оствари тоа што го зацртала во буџетските планови.

Реализацијата на капиталните инвестиции минатата година изнесуваше едвај 197 милиони евра, односно 65.5% од планираното со ребалансот на буџетот или помалку од половина од првичната сума од 400 милиони евра. Владата секој месец најавуваше дека проектите се откочени и дека ќе продолжат поинтензивно да се градат, но тоа не се случи. За 2019-та Владата предвиде 418 милиони евра од буџетот за капитални инвестиции. Меѓу нив се изградбата на гасоводот низ Водно и интензивирање на  проектот пруга кон Бугарија.

Тања Попова