Во четврток Владата ќе прогласи кризна состојба во енергетиката

Македонија „брои ситно“ до прогласување кризна состојба во енергетиката. Се очекува Владата на седница да донесе ваква одлука во четврток – потврдуваат од министерството за економија. Министерот Крешник Бектеши уште минатата недела најави дека оваа седмица ќе биде прогласена енергетска кризна состојба која ќе стартува од први септември и ќе трае 30 дена. Прогласувањето на криза е неопходно за да се искористат државни пари, како и заеми од меѓународни финансиски институции за набавка на јаглен и мазут за потребите на државните електрани, како и за купување на струја. Се работи за 100 милиони евра, кои ЕСМ ги позајми од Европската банка за обнова и развој, а треба да овозможат целосно да се стават во функција 100% од вкупните енергетски капацитети во земјава.

Токму, кризната состојба и овозможува на Владата директно да располага со сите ресурси на државата.

Член 33 од Закон за управување со кризи

„Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон“

Засега нема да има рестрикции на струја – уверува Бектеши. Со стартот на кризната состојба, од први септември почнуваат и задолженијата на државните институции за штедење струја. Директорите ќе треба да ја намалат потрошувачката на електрична енергија за 15% и да доставуваат редовни месечни извештаи за тоа. Тие што нема да заштедат доволно ќе се соочат со санкции, но какви ќе бидат тие, засега не се знае. Мерките предвидуваат климатизерите да работат на 27 степени на лето и до 20 во текот на зимата. Да се проветрува ретко, да се изгасне украсното осветлување на зградите. Да се штеди на употреба на компјутери и принтери. За граѓаните и фирмите има само препораки. Дополнително, ќе се сведе на минимум и јавното осветлување на автопатите и улиците.

Бизнисот пак алармираше дека со нетрпение очекува мерки, бидејќи 5.400 фирми затвориле поради превисоките сметки за струја. Нивните предлози стојат во фиоките на економските министри повеќе од еден месец.

Инаку, кризната состојба ќе трае 30 дена, но Владата сака да ја продолжи до крајот на март следната година. За тоа да се случи, процедурите налагаат зелено светло да дадат пратениците во Собранието.

Тања Попова