Во фокус: Реформи без разработен концепт во образованието

Дигитализација, па не, онлајн настава па настава со физичко присуство, учебници има ама нема, па родител еден родител два, протести и критики. Како образованието дојде во овој степен? Ветувано беше реформи во образованието со широка јавна дебата, на крај полуспроведени концепти без поддршка од стручната јавност и родителите.

– Со интегрираните предмети се спојуваат темите, и во исто време, наставниците по биологија, хемија и физика ќе предаваат една тема. На пример, кога ќе се учи за екологија и животна средина. На биологија ќе се учи за влијание на човекот врз природата и одржлив развој, на хемија за загадување, а на физика за обновливи извори на енергија. Се разбира дека ќе бидат потребни нови учебници – изјави Мила Царовска, поранешен министер за образование на 16.12.2020.

Од самиот почеток на мандатот, министерката за образование Мила Царовска туркаше промени во образовниот систем, повеќето без консензус и консултација со стручната јавност. Повеќе од година бран на незадоволство го заплиснуваше образованието. Откако власта тврдеше дека поддршка има за образовните реформи, но не јавна, критиките беа гласни, се одлучи за јавна дебата.

-Лавина на реакции во однос на оваа концепција се случи врз основа на лажна вест. Тоа покажува дека ова значи дека малку сме спремни да препознаеме што значи лажна вест и да ја споредиме, и да видиме дали она што ни се нуди и планира, може да не однесе во погрешна насока, изјави Царовска на 23.12.2020.

Таква дебата никогаш не се случи. За тоа потврда беа лавина реакции кои следуваа по најава за новата коцепција за образованието. Се спротивстави и претседателството на највисоката научка институција МАНУ.

-Сериозните промени какви што се предлагаат, претпоставуваат претходен долготраен истражувачки период кој тука изостанува. Решенијата понудени во Нацрт-концепцијата не се засновани на прецизна идентификација на вистинските проблеми и предизвици во основното образование, потенцираа од Педагошкиот факултет.

-Нацрт-верзијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието, велат од Филозофскиот факултет.

-Потребно е стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава, а реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, порачуваат од МАНУ.

Реакција не изостана ниту од Независниот синдикат за образование, неколкупати алармираа дека ниту еднаш не биле повикани на расправа за овие теми.

Недостасува конструктивен дијалог, ние како Независен синдикат, и покрај тоа што се должни да бидат во контакт со нас, ние сме официјално регистрирана организација, постоиме три години, синдикатите се оние кои што се лицето на работниците, но не само синдикатите, тука се и здруженијата на наставници, стручни соработници кои што во целост беа изигнорирани – смета Томислав Гиевски, наставник и претседател на НСОН.

За нацрт концепцијата со која се предвидуваше спојување на предметите историја и географија во општествени науки, биологија и хемија во природни науки, бурно реагираа професори, наставници, родители. Реформите се покренаа во период кога спорот со Бугарија околу прашањата поврзани со историјата и барањата од бугарска страна за интервенции во дел од учебниците.

Најголема прашина јавноста крена кога родител 1 и родител 2 дефинитивно ги заменија„мајка“ и „татко“. Драгана Спасевска од граѓанската иницијатива „Настава и учебници мора да има“ обелодени дека од септември во училиштата ќе има само електронски дневници за евиденција на успехот на учениците, а таму родителите ќе бидат обележани под редни броеви.

Од први септември нема да ги има оние стандардни дневници, ќе има електронски дневник, во кој ние родителите сме потпишани како родител 1 родител 2, пристап имаат наставниците, кога тие ќе ја отворат нивната евиденција, зборувам од влез на наставник, во електронскиот дневник  во графата ние  стоиме родител 1 родител 2 – изјави тогаш Спасевска.

Во исто време, наставници и професори испратија бројни аларми дека во руралните средини се уште има руинирани училишта, некаде без вода и струја, ама и со полски  тоалети. Бараа прво да се создадат нормални услови за учениците, но од МОН најмногу се фокусираа на моделите за учење, дигитализација, менување наставни содржини.

„Како прво треба греење во сите простории од домот,дали секој има парно греење во сите простории е прашање, ево јас лично немам и имам плус две деца дома кои исти така треба да следат онлајн настава.И месечно плус за интернет трошоците,плус со возилото што доставувам печатени матерјали.Одиме на училиште ги внесуваме таму часовите секојдевно,значи се зголемуваат многу трошоците“, изјави наставничката на 23.10.2020.

Како растеше ентузијазмот на МОН, за промени во образовниот систем, така растеше и фронтот против концепциите. Реагираа и професори по музичко и ликовно образование, дека е неприфатливо да се спојат тие два предмета. Царовска не ги прифати нивните забелешки. Но тоа не беше се. Царовска најави и дигитализација на учебниците додека учениците од дома онлајн ја следеа наставата поради пандемијата со ковид-19.  Учениците дури и ја бојкотираа наставата во знак на револт, родителите излегоа на протести, професорите не успеаа да ја разубедат министерката. 

И учебната година поради пандемијата го одложи својот почеток па наместо ан први септември почна на први октомври. Ама платформата за учење од далечина крахираше уште на првиот ден од пробниот период.

“Треба трпение и сите знаеме дека процесот нема да биде лесен. Да ја дадеме поддршката на наставниците кои трпат големи притисоци овие моменти. Оваа платформа ја правиме за наредните 15 години“, истакна Царовска на 29.09.2020.

Но платформата јавноста никогаш не ја дочека. Мајкрософт тимс беше алтернатива и така остана до самиот крај.

Пред Царовска беше Арбер Адеми, после Царовска, Јетон Шакири. Адеми кој замина од фукнцијата во август 2020, ветуваше дека ќе има помош за учениците кои немаат услови за онлајн настава ама тоа остана само ветување. Адеми менуваше и имиња на училишта без консултација со неговата тогашна заменичка во образование Елизабета Наумовска. И проблемот со учебниците беше и остана да биде проблем. И оваа година со Шаќири учениците првиот училишен час останаа без буквари.

Викторија Миткова

Advertisements