ВО ФОКУС: Како и парите ни станаа северни?

Неполни три години по потпишувањето на Преспанскиот договор, односно лани во април и парите станаа „северни“. По уставните измени со кои се промени името на државата, следеше и преименување на Народната банка, па затоа сите нови пари треба да го содржат и новото име на банката во кое стои додавката „северна“. Од Народната Банка велат дека тие само го почитувале Уставот.

„Името на Народната банка е променето од страна на Собранието со прифаќањето на амандманот 33 на Уставот, кој гласи „Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“. Оттаму сите нови изданија мора да бидат согласно со уставните измени донесени од страна на Собранието и ова воопшто не значи повлекување на старите изданија на пари заради називот на државата и институцијата“ – велат од Народна банка.

Над 130 институции добија налог да станат национални или северни наместо македонски иако и тие имаа простор да се преименуваат подоцна, барем за внатрешна употреба. Во Преспанскиот договор е предвиден преоден период и за замена на сите документи и материјали.

Издавањето на ваквите документи и материјали… ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш“ стои во Член 1 Став 10 од Преспанскиот Договор.

Народната банка во изминатиот период донесе повеќе одлуки за печатење и пуштање во оптек на 85 милиони парчиња пари од кои 50 милиони монети и 35 милиони парчиња банкноти со сменетото име на институцијата. Сепак, тие не се пуштени во целост, туку во период од неколку години треба да ги заменат старите истрошени банкноти и монети.

Новиот назив на институцијата од 1-ви април лани го содржат монетите од 1 денар, како и книжните 10-денарки и 500-денарката. 5-денарката е променета пред два месеци од почетокот на април, а од пред еден месец или од стартот на мај и монетата од 2 денари има додавка „северна“.

И покрај тоа што има донесено одлуки, од Народната банка информираат дека допрва во наредниот пери од планираат да обзебедат и книжни пари во апоени од 100, 1000 и 2000 денари.

Од Народната банка потенцираат дека тие не печатат намерно нови банкноти и монети за да ги повлечат старите, а да ги пуштат во промет оние со новото име, туку вршат редовна замена на искинатите и дотраени пари. Во моментов застапеноста на парите со додавката „северна“ е незначителна во однос на вкупната количина на пари во оптек.

Тања Попова