„Во фокус“: Има ли средна класа во Македонија?

Враќање на средната класа во Македонија. Ова беше едно од главнитеветувања со кои СДСМ дојде на власт. Без силна и обемна средна класа не може да има демократија, кога изборен глас се купува за 500 денари – стои во преедизборната програма на СДСМ 2016-та..

„Нашата клучна цел е зголемување на доходот на домаќинствата што живеат под долната граница на средната класа или во средната класа, со намера обезбедување на бројна и економски стабилна средна класа“

Дали едно од клучните ветувања со кое партијата дојде на власт, колку-толку се исполни? Синдикатите велат не. Средната класа е еднаква на нула – вели првиот човек на Синдикатот за индустрија, енергија и рударство Игор Герасов. Ако во поранешната држава некој можел со гордост да каже дека е работник, сега тоа повеќе не е така. Ако можело да има за храна, облека, да се отиде на каков таков одмор, да не се брои секој денар, сега состојбата е далеку од розова. Ретко кој работник може да си дозволи да оди во кино или театар. Речиси и да ги нема колективните летувалишта и детските одморалишта.

Според минималната потрошувачка кошничка на синдикатот, на едно четиричлено семејство само за најосновните потреби му требаат над 50 илјади денари. Тоа значи дека на двајца родители со две минимални плати, му недостасуваат дури 14 илјади денари за да го поминат месецот. Инфлацијата која достигна 18,7% дополнително ги „изеде“ платите.

Просечната плата не значи дека некој е припадник на средна класа. Иако таа меѓу другото е и лично чувство за добросостојбата на домаќинството, се смета дека некој е во средна класа ако откако ги подмири основните трошоци за храна и домување, на семејството му останува уште една третина од парите за трошење. Тоа значи дека ако едно домаќинство потроши 50 илјади на основни потреби, треба да му останат уште 15 илјади денари. Едноставно, двајца родители треба да имаат вкупни приходи од 65 илјади денари, односно секој да има плата од 32.500 денари. Дури 70% од вработените не ги достигнуваат овие примања.

Најголем дел од работниците земаат плата под државниот просек. Власта за џабе се фали со просечна плата од 500 евра за да постигне политички поени. Според универзитетскиот професор Лазар Јовески, реалната просечна плата во земјава е околу 21 до 22 илјади денари. Дури 35% од вработените се пријавени на минималец, а голем е бројот на работници кои се принудени да враќаат дел од платата назад кај газдите. Притоа, високото ниво на просечна плата го подигаат фирмите во главниот град. Во помалите градови од внатрешноста, состојбата е драстично различна, а примањата на работниците помали.

Едноставно, во Македонија граѓаните се или богати или сиромашни. Идејата за влез во т.н. средна класа и натаму останува далечна желба за многумина.

Тања Попова

Advertisements