„Во фокус“: Задолжување – се приближува ли Македонија кон грчкото сценарио?

Парите се трошат побрзо од очекуваното, а Македонија е се поблизу до толку непосакуваното грчко сценарио на финансиски план. Пред 5 години, СДСМ по пауза од 11 години конечно дојде на власт со помпезни најави дека на Порта Македонија ќе постави бројчаник кој во реално време ќе ги покажува вратените пари кај граѓаните кои според партијата претходната власт ги украла од населението.

Тогашниот премиер Заев го купи бројчаникот од сопствени пари, но тој беше наместен дури една година подоцна и имаше краток век.

За да собере пак во државната каса повеќе пари од фирмите и граѓаните, партијата направи мини даночна реформа. Зголеми даноци, а неколку пати ги покачи и акцизите на горивата, и тоа најмногу на дизелот. И покрај противењето на мнозинството, како крупна реформа пројде воведувањето прогресија кај персоналниот данок. На големо се промовираше како правичен данок, кој ќе го намалел јазот меѓу богатите и сиромашните.

За волја на вистината, Тевдовски успеа да врати дел од старите долгови или пак да ги репрограмира со пониски каматни стапки. Таман фирмите кои не се преселија во други држави, се навикнаа колку-толку на новото оптоварување, за само 10 месеци, Владата рече „Пу-пу не важи“. Главниот креатор на економската програма Тевдовски, буквално „го пуштија низ вода“, реформата траеше само неколку месеци, а политички неискусната нова министерка Нина Ангеловска требаше да го „гаси пожарот“

Ангеловска не издржа ниту една година. Си замина откако навреме си ги повлече парите од заштедата од сега веќе пропаднатата „Еуростандард банка“. Во 2020-та, поради пандемијата, долгот го проби плафонот, го надмина Мастришкиот критериум и достигна 61%. Токму годинава кога финансиите требаше да се стабилизираат, војната во Украина ги уништи сите планови. Експертите уште пролетта ургираа Владата час поскоро да најде евтини пари, бидејќи се очекуваше тие од ден на ден да станат се поскапи.

Бесими не сакаше ниту навреме да го помогне населението, ниту пак навреме поевтино да се задолжи.

Помошта за граѓаните наместо во мај беше објавена едвај минатата недела, а онаа за бизнисот ќе почека до крајот на месецов. 900 милиони евра за покривање на буџетскиот дефицит се најдоа дури во октомври. За да се покрие дупката за следната година има се помалку простор за маневар.

5-годишниот епилог е следен: Јавниот долг од 47,7% се искачи на дури 61% пред две години, за сега да изнесува 55,4% од БДП. И додека Бесими наоколу се фали дека успеал во ваква криза да го намали долгот, експертите предупредуваат – ништо не е намалено, туку тоа е едноставно ефектот на превисоката инфлација од речиси 19%. Во апсолутни бројки, Владата на СДСМ и ДУИ, јавниот долг од 4,7 милијарди евра го зголемиле на рекордни 7,2 милијарди евра. Тоа значи дека за само 5 години, владата го зголемила јавниот долг за дури две и пол милијарди евра. Со оглед на тоа што парите не се потрошени за нов Клинички центар, за Чебрен и Галиште или пак за бројни капитални проекти кои СДСМ толку многу ги ветуваше за да се дограба до власта, се чини бројчаникот никогаш нема да проработи, бидејќи ако светнат дигиталните бројки на екранот, дефинитивно ќе им се стемни и на премиерот и на чуварот на државната каса.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста