Евтината дневна тарифа само едно од евтините неисполнети ветувања на СДСМ и ДУИ

Зголемено домашно производство на струја, намален увоз и централа на гас – од денешен аспект, овие ветувања од пред 5 години делуваат смешно. Токму поради слабите вложувања во изминатиот период, Македонија денеска не е подготвена да се справи со енергетската криза. Владата на СДСМ дојде на власт со ветување дека ќе ја врати евтината дневна тарифа на струјата од 14 до 16 часот. И не само тоа, дека не само во недела, туку цел викенд ќе се троши евтина струја. Прво, се чинеше дека го исполнува тоа што го вети.

Граѓаните се разочараа оваа година, кога ненадејно како предновогодишна честитка, стигна порака „Пу-пу, не важи“. Евтината дневна тарифа во работни денови беше укината.

Заложбата за зголемување на домашното производство на струја пропадна во вода. Исто како и ветувањето дека ќе се купува помалку од странство. Увозот се зацементира на околу 30% од вкупните потреби на годишно ниво, а производството е преполовено во последниве 10 години. Ако пред 20-тина години, државните електрани можеа да ја покријат вкупната потрошувачка, сега едвај може да се произведе струја само за домаќинствата. Вкупното производство е намалено од 4.300 гигаватчасови во 2016-та на рекордно ниски 3.263 лани. Енергетските аналитичари тврдат дека континуираната негриза за инвестиции во енергетиката довеле до ваква состојба.

Ако постои нешто што се врзува исклучиво со сегашната власт, тоа е либерализацијата на пазарот со електрична енергија. Законските измени овозможија на стартот на 2019-та година, малите фирми и домаќинствата самите да избираат од кој ќе купуваат струја. Најголем дел од домаќинствата остана да ги снабдува ЕВН, односно универзалниот снабдувач. Она што за фирмите требаше да значи пониска цена, во време на криза се покажа како проблем. Сега, соочени со неликвидност, бараат привремено враќање на регулираниот пазар.

Поедноставување на процедурите за поставување фотоволтаици е уште едно ветување кое е само делумно исполнето. Токму од преобемната документација и пребавните процедури се пожалија бизнисмените кои сега се соочуваат со 6 пати повисоки сметки за струја.

Меѓу ветените проекти кои се уште чекаат на реализација се поставувањето калориметри за топлинска енергија, пуштање во употреба на јагленокопот Поповјани кичевско, изградба на хидроцентралата Чебрен, приклучокот кон гасоводот ТАП, гасот да биде достапен во цела држава, пренамена на ТЕЦ Неготино во енергетско-земјоделски комбинат и многу други.

Тања Попова

Advertisements