Во фокус: Власта на СДСМ и ДУИ се откажа од Македонците во соседството?!

Македонија се откажа од Македонците надвор од своите граници. Ова е резултатот на петгодишното владеење на оската СДСМ – ДУИ и потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија.

Нашинците во соседството се крајно разочарани. Велат, нашата матична држава реално никогаш премногу не се залагала за нас, но она што се случува во последно време е страшно – подобро да не прават ништо.

Според претседателот на ОМО-Илинден Пирин, срамота е што Македонија никогаш не го поставила како официјално и отворено прашањето за македонското малцинство во Бугарија, а тоа беше и остана јасен знак за Бугарија, дека Македонија е спремна на отстапки. Уште поголемо разочарување за Македонците во Бугарија, се и изјавите на многу функционери од владината коалиција, кои се правдаат дека грижата за малцинствата би била мешање во внатрешните работи во Бугарија.

Македонија требаше да покаже многу одамна јасна грижа за македонското малцинство, и да го постави тоа прашање официјално пред Бугарија. Срамота е што од независноста на Македонија не е поставено тоа прашање официјално и отворено. Тоа е јасен знак за Бугарија дека Македонија е спремна да се откаже. Понатаму, ако треба да бараме конкретен термин, кога беше крајно да  се преесече – беше Договорот со Бугарија. Не им беше јасно, зошто толку брзо беше ратификуван Договорот? Затоа што Македонија многу малку бараше. Со тоа се покажа дека Македонија е спремна на многу отстапки. Тоа што го направи македонсдката влада, им даде сила на крајните националисти во Бугарија – изјави претседателот на ОМО Илинден – Пирин, Стојко Стојков.

Проблемот со негрижата за малцинствата не е само во Бугарија, туку и во Србија. Ова може да се заклучи од моменталните односи на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија и македонската влада. Сите активности, на македонската национална заедница и функционирањето на истата е финансирано исклучиво од српска страна.

Сегашната Влада, власт, освен билатералните односи со Република Србија, и контактите кои ги имаме со амбасадата во Белград, не проискажала некој поголем интерес за остварување на правата на Македонската заедница во Србија. сите активности, во целост, на македонската наципнална заедница и функционарињето на истата е финансирано исклучиво од српска страна. Одредени процеси кои се започнати од порано, како што е отворање на можност да припадници на нашата национална заедница учествуваат во програмите за стипендирање, е процес кој движи но поради пандемијата е укинати камповите на кои одеа нашите деца, камповите Ја сакам Македонија, во рамки на образованието, во неколку наврати баравме помош но тоа се остана на ветувања. Може да се подобри нашата комуникација со високите претставници на Македонија. Јас официјално ниту еднаш не сум се сретнал со претседателот на Македонија, со Иванов имав преку 60 средби – изјави претседател на Националниот совет на македоско национално малцинствовоСрбија, Борче Величковски.

И претседателката на македонското здружение Кочо Рацин од Белград, претходно предупреду. Во Србија има голем број проекти, за промоција на Македонците, но за тоа не добивале никаква помош од македонската Влада, иако аплицирале многу пати.

Дека Македонија уште одамна кренала раце од македонското малцинство во Грција, покажува и тоа што Македонците таму никогаш не беа консултирани за Преспанскиот договор. Јоргос Пападакис, македонец од Грција обвини дека во текот на преговорите помеѓу македонската и грчката влада, никогаш не било спомнато македонското малцинство и македонскиот јазик во Грција.

Немаше дури ни волја од македонската Влада тоа да го направат, тоа го видовме во текот на преговорите за Преспанскиот договор, никогаш не беше споменато македонско малцинство или македонскиот јазик во Грција. Ние бевме надвор од целата таа приказна, изјави Пападакис.

И Македонците во Албанија се крајно разочарани. Кога пред неколку месеци ги посетивме во Пусрец гневни ни кажаа дека Владата во Скопје не само што не се грижи за нив, туку и ја распродава нивната матична држава.

Македонските власти во многу прилики, признале дека се откажаа од македонското малцинство, посебно кога се во прашање Бугарија и Грција. Наместо да застанат позади нивните интереси, функционерите во ги препраќаат Македонците за своите права да се борат преку Судот во Стразбур.Тоа им го порача и премиерот Ковачевски во јануари годинава 2022, а веднаш по ова скандалозно признание, вицепремиерот Бојан Маричиќ изјави дека Македонија не била таа која одлучувала каде какво малцинство има.

Адријана Алексиеска

Advertisements