Во судот – завршни зборови, во Парламентот – Закон за амнестија

Обвинетите за собраниските настани со кривичен прогон во судска или истражна постапка ќе може да побара од судот и обвинителството да биде помилуван. Но оваа привилегија ќе ја немаат оние кои командувале, насилниците и организаторите за собраниските настани од 27 април. За да има амнестија тероризмот ќе се преквалификува во Здружување заради непријателска дејност. Иако телото за помирување тврди дека му дава одврзани раце на судот и на обвинителство да ја водат правично и праведно постапката сепак повеќе од сигурно е дека пратениците кои според обвинението се наоѓаат на врвот ќе бидат помилувани. Извесно е дека прогонот ќе продолжи за командна одговорност на критичниот ден.

Секој опфатен со амнестијата ќе треба индивидуално да побара да биде помилуван во зависност на одлуката на судот или обвинителството ќе можат да се жалат во второстепена постапка, но и не мора да се повикаат на законот за амнестија кој допрва треба да се напише.

Чл.324 од Кривичен законик – Здружување заради непријателска дејност
Став (1) Тој што создава заговор, банда, група или друго здружение на лица или организација заради вршење на кривичните дела од членовите 305 до 311, 313, 314, 315, 321 и 322 став 2, ќе се казни со затвор најмалку четири години…по овој член од Кривичниот законик ќе се гонат дел од обвинетите од собраниските настани.
И овој член од кривичниот законик е во делот на Дела направени против државата, како и Терористичко загрозување на уставниот поредок за кое обвинителството ги гони 33-цата обвинети. Но за разлика од доживотната затворска казна во делот тероризам, овде доколку дојде до преквалификација казната е помала, односно минимум 4 години.

33-та обвинети за 27-ми април во неколку групи ги подели и обвинителката Вилма Русковска…па согласно предлог-законот најверојатно нема да бидат амнестирани вработените во МВР, организаторите, и оние кои директно вршеле физичко насилство.
Кривичното дело кое вчера го посочи пратеникот Рамчиловиќ, му е ставено на товар на екс директорот на УБК, кој беше уапсен и по барање на обвинителство притворен, откако дел од обвинетите во своја одбрана тврдеа декатој ги организирал.

Собраниски извори за Алфа откриваат дека отворена е опцијата во понеделник предлог-текстот да се усвои во телото за помирување и веднаш да биде ставен на пленарна седница каде треба да се гласа по скратена постапка. Следната недела се очекува и изнесување на завршните зборови за судскиот процес, а со тоа и можност за преквалификација на делото, за да се спроведе и амнестијата. Токму помилувањето беше и еден од условите на осуммината пратеници за да биде обезбедено двотретинското мнозинство за гласање на уставните измени.

Ивана Соколовиќ Најдова