Во Стокхолм почнаа мировните преговори за Јемен

Мировни преговори под покровителство на Обединети нации, со кои треба да се стави крај на четиригодишната граѓанска војна во Јемен, денеска почна во Стокхолм.

Граѓанската војна во Јемен доведе до една од најголемите хуманитарни кризи во светот. Илјадници луѓе загинаа во судирите помеѓу владините сили и Хутите, а милиони луѓе се соочуваат со глад.

Консултациите првпат продолжуваат од 2016 година, а последниот обид за мировен договор во септември заврши без успех, бидејќи Хутите не се појавија на преговорите во Женева.

И од разговорите во Шведска не се очекува многу, но претставниците на ОН се надеваат дека ќе се постави рамка за разговори за идното политичко решение на кризата во Јемен, како и дека ќе се спречи битка за пристаништето Худаида во Црвено Море, каде се заробени илјадници цивили.

Специјалниот пратеник на ОН за Јемен, Мартин Грифитс успеа по две години претставниците на завојуваните страни да ги седне на заедничка маса. Разговорите ќе бидат насочени кон спречување на ескалација на судирите, како и на чекорите за спречување или барем олеснување на хуманитарна криза.

Претставникот на јеменската Влада, Абдулах ал-Алими пред да отпатува за Шведска изјави дека разговорите се „права шанса за мир“.

Додека шефот на Хутите, Мохамед Абделсалам истакана дека нема да се штеди во преговорите, но ги предупреди бунтовничките борци да „внимателни“ на каков било обид на воена ескалација.

Конфликтот во Јемен, најсиромашната арапска држава, почна во 2014 година кога главниот град Сана беше заземен од шиитските бунтовници Хутите, кои ја соборија меѓународно признаената влада. Од 2015 година Хутите, кои имаат поддршка од Иран, војуваат и со меѓународната воена коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која е сојузник на јеменската Влада.

Според податоци на ОН, во Јемен убиени се најмалку 6.660 цивили, а 10.560 се повредени во борбите. Илјадници луѓе починаа од глад, болести или лошо лекување.

Светската здравствена организација во октомври соопшти дека во Јемен секоја недела се пријавуваат околу 10.000 нови сомнителни случаи на колера.