Во Скопје ноќеска казнети 38 пијани возачи

Полицијата ноќеска кај 38 возачи на територија на Град Скопје утврдила присуство на алкохол во крвта, а тројца одбиле проверка. Сите возачи полицијата ги исклучила од сообраќај и им ги одзела возачките дозволи.

-Во периодот од 00.00 часот до 05.00 часот на 07.07.2019 година Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје спроведе акциска контрола за откривање на возачи кои управуваат со возило под дејство на алкохол. Притоа, кај 38 возачи утврдено е присуство на алкохол во крвта, додека тројца возачи одбиле проверка за присуство на алкохол. Сите 41 возачи се исклучени од сообраќај и се одземени возачките дозволи, информираат од МВР.  

Полицијата открила и 43 останати прекршоци за кои се издадени 13 мандатни платни налози и 30 прекршочни платни налози.

МВР информира дека синоќа на територијата на Скопје санкционирала 81 возач на мотор поради прекршоци во сообраќајот, информира Министерството за внатрешни работи.

-Во периодот од 20 часот на 6.07.2019 до 1 часот на 7.07.2019 година Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје спроведе акциска контрола за прекршоци од возачи на мотори. Притоа, сторени се вкупно 81 прекршок од возачи на мотори и издадени им се 78 прекршочни платни налози и три мандатни платни налози, се вели во соопштението од МВР.

Од Министерството додаваат и дека се откриени и 43 останати прекршоци за кои се издадени 13 мандатни платни налози и 30 прекршочни платни налози.