Во САД ќе се воведе закон за забрана за продажба на оружје на Судиска Арабија

ОПЕК плус ја намали целта за производство на нафта за два милиони барели минатата недела и покрај американските приговори, што поттикна некои американски законодавци да побараат остра акција против лидерот на картелот Саудиска Арабија. Претседателот Џо Бајден рече дека тесно ќе соработува со Конгресот за ова прашање кога членовите ќе се вратат во Конгресот по конгресните избори следниот месец.

„Ќе реагираме до Саудиска Арабија и ќе направиме консултации кога тие ќе се вратат. Ќе преземеме акција“, рече претседателот Бајден.

Во Конгресот, двајца демократи претставија закон за запирање на американска продажба на оружје за Саудиска Арабија, велејќи дека Ријад е движечката сила во одлуката на ОПЕК плус за намалување на глобалното снабдување со нафта за време на руската инвазија на Украина.

„Комплексноста на овие прашања оди подалеку од само една одлука за нафтата. Претседателот е апсолутно во право да биде разгледана одлуката. Сметаме дека ова законодавство е разумно. Насочена е кон одредена одлука. Едностраната врска е документирана“, рече демократот Ричард Блументал.

Саудиска Арабија вели дека одлуката на ОПЕК плус е едногласна и се заснова на економски размислувања. ОПЕК плус се однесува на групацијата од 23 земји извознички на нафта кои одлучуваат колку да продадат на светскиот пазар. Ја вклучува и Русија.

Демократите велат дека Саудиска Арабија донела лоша одлука да застане на страната на Русија, можеби поради нејзиното искуство со администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

„Верувам дека Саудијците постојано погрешно пресметуваа во изминатите неколку години и тоа е веројатно затоа што, искрено, поранешниот претседател Доналд Трамп им даде слобода да одлучуваат. Она што претседателот Бајден се обидува да го направи е само враќање на рамнотежата“, вели демократот Ро Кана.

За време на престолонаследникот и премиер Мохамед бин Салман, Саудиска Арабија не е сојузник на САД, изјави за Гласот на Америка Арон Дејвид Милер, висок соработник во фондацијата Карнеги за меѓународен мир и поранешен блискоисточен аналитичар и преговарач.

„Она што го направи саудискиот престолонаследник, буквално ја поткопа политичката позиција на претседателот, секако во однос на цената на нафтата неколку недели пред изборите во САД, и во исто време да ја поткопа позицијата на претседателот, позицијата на меѓународната заедница, во обид да го изолира Владимир Путин во однос на неговата агресија против Украина, поддржувајќи го политички и економски“, вели тој.

Републиканците не беа гласни за преземање акција против Саудиска Арабија, иако некои го спомнуваа кршењето на човековите права во кралството во минатото, како што изјави Брајан Катулис, потпретседател за политика на Институтот за Блискиот Исток, за Гласот на Америка преку Зум.

„Некои од сенаторите од државите што произведуваат нафта во САД беа длабоко загрижени пред две години кога Саудиска Арабија и другите ОПЕК членки донесоа одредени одлуки што доведоа до сериозен пад на цената на нафтата. Мислам дека пошироката слика е дека од двопартиска основа, односите меѓу САД и Саудиска Арабија не се на стабилна основа“, вели тој.

Белата куќа ги отфрли критиките за посетата на претседателот Бајден на Саудиска Арабија во јули, велејќи дека не станува збор за нафта, туку за демонстрација на тековната посветеност на САД на Блискиот Исток.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

Advertisements

Поврзани вести