Во реновираното прилепско ООУ„Климент Охридски“ нема непримерни фотографии по ѕидовите од тоалетите

 Заштитната фолија на која имало напишано имиња на светски модни брендови, а која се користела само како заштита при изведувањето на реконструктивните работи во ученичките тоалети во ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп, вчера во училиштето ги донесе во контрола инспекторите од МОН. Според директорот на училиштето, Ахил Јаков, станувало збор за неоснована пријава од неупатена и тенденциозно настроена група родители.

„Но, таа група не беше запозната дека тоа беше обичен целофан, заштитен кој го постави мој другар за да ги заштитиме сликите од тешката реконструкција на тоалетите. Од прскање на вар, абрип и сл. И вчера, официјално имав инспекција, точно на деноткога и официјално беа пуштени во употреба тоалетите и нормално, за време на отворањето го тргнавме целофанот и инспекцијата беше воодушевена од изработката на тоалетите“, – ни објасни за Алфа, директорот на ООУ „Климент Охридски“, Ахил Јаков.

  Тој тврди дека новите бои и орнаментиката на ѕидовите во тоалетите, а кои не биле реконструрани со децении, биле особено внимателно бирани, соодветно на возраста и потребите на учениците.

„Моја препорака е кога веќе службите пуштаат инспектори за вакви прекрасни тоалети, нека пуштат и во другите училишта ширум Македонија, по руралните средини  каде што децата нремаат и најосновни  услови за користење на тоалети, каде што има фекалии насекаде и не се реконструирани од минатиот век“, – посочува директорот Јаков.

   Инаку, ова училиште е централно градско училиште и е изградено уште пред 60 години. Тоа е и единственото училиште во Прилеп во кое, во засебна и соодветно адаптирана, модерна зграда учат и децата со посебни потреби, чиј број изнесува 21 ученик.

 Каролина Дурло