Во Прилеп одбележани 22 години од масакрот кај Карпалак во кој беа убиени 10-мина прилепски армиски резервисти
„Што да се каже после 22 години од тој крвав масакар, освен дека траумите доживотно ќе си ги носиме, дека уште не’ боли предавството и мистеријата околу тоа што навистина се случи во тоа кобно утро, но и дека си стојат редицата нерешени наши лични барања од државата“, – вели Душан Бошески, еден од преживеаните резервисти.
„Преживеаните од „Карпалак“ баравме бесплатно здравство за цела фамилија. Да се донесе Закон за бранители и да бидеме прогласени за борци. Од сето тоа ништо не се напарви.Траумите си останаа, се чувствуваме понижени и никој во овие 22 години не покрена постапка да се види како тоа се случи на 8-ми август 2001 год. Нашето сознание е дека бевме предадени, а се знае од кого, од нашата власт, од државата“, – раскажува Душан Бошески, преживеан резервист.
Велат, полни се со разочарувања од дведецениското државно игнорирање. Бараат државата и нив да ги внесе во Уставот, ама со статус на борци, како и да им обезбеди вработувања во безбедносните сили на државата. Гневни се и на тоа што на местото на маскарот кај „Карпалак“, веќе 22 години на загинатите 10 бранители, почит им се оддава на банкината од патот, пред обична мермерна плоча и која неколкупати беше кршена.
„Главното чествување на настанот треба да си биде на Карпалак. Значи, таа е наша држава, наша територија и мислам дека треба да се направи некоја измена на локално и на државно ниво. Децата на загинатите треба да добијат статус на деца на борец, а ние, од припадници на безбедносните сили треба да станеме борци“, – рече Рубин Секулоски од Здружението на учесници во воените дејствија од 2001-2002.
По повод овој трагичен настан, без присуство на ниту еден преставник од државниот врв, денеска во Прилеп беа положени венци пред паметникот на загинатите, каде пригоден говор одржа градоначалникот на Прилеп.
„На овој ден рафалите од терористичките напади го нападнаа конвојот на стотината прилепски армиски резервисти кај Карпалак кои тој ден тргнаа да ја бранат татковината, да ја бранат слободата и независноста на Република Македонија.Но, токму во миментите кога се преговараше за мир, прилеп ја доби најкобната вест во својата понова историја – конвојот од прилепскиот армиски состав бил напднат, кукавички, од заседа“ – кажа Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Инаку, чествувањата започнаа уште вчера со полагање венци пред Споменикот во касарната „Мирче Ацев“ и во селото Лениште, а утрово се служеше и Панихида во црквата „Св.Петка“, која пред осум години беше подигната во чест на бранителите.
Каролина Дурло