Во Прилеп, за прв пат избрана македонската секција на Асоцијацијата на европските карневалски градови – ФЕЕК Македонија

Во пресрет на македонските карневали кои, оваа година ќе се одржат во март, за прв пат од постоењето на Меѓународната асоцијација на европските карневалски градови – ФЕЕК, чии долгогодишни членки се и градовите: Струмица, Прилеп и Кавадарци, беше формирана македонската секција на ФЕЕК, ФЕЕК – Македонија. Целта на ваквото организирање на македонските карневалски градови во едно, официјално тело е организирано настапување како држава во рамките на интернационалниот борд на ФЕЕК.

Една од главните заложби на ФЕЕК – Македонија ќе биде заштита на светско ниво во рамките на УНЕСКО на традиционалните карневалски групи од Прилеп и Кавадарци, „Прилепските мечкари“ и кавадаречките „Џаламари“, како автентични македонски вредности.

Оваа година, Меѓународниот карневал „Прочка“ во Прилеп ќе се одржи по 18-ти пат и ќе трае три дена, на 8, 9 и 10 март за чие времетраење се очекува да продефилираат неколку илјади маски, како домашни, така и од повеќе европски земји.

Карневалска Струмица во Меѓународната асоцијација на карневалските градови е членка од 1991 година, а додека карневалски Прилеп од 2006-та година. Во ова друштво не е и „Вевчанскиот карневал“, по лична одлука на вевчанскиот одбор.

Каролина Дурло