Во прилепската Болница повеќе витални апарати или не се во функција или работат периодично ?!

        Не е проблем само расипаниот стрес –тест апарат во Интерното одделние, туку поголемиот дел од виталните апарати во прилепската Општа болница, или не се во функција, или работат периодично. Не работи компјутерската томографија, мамографот, гастроскопот на Интерното одделение, колоноскопот на хирургија, а додека ехото за срце едвај се користи. Во лабораторијата недостасуваат реагенси за алергии и за Тироидна жлезда, а додека за новоинсталираната Магнетна резонанса има проблем со лекарскиот кадар кој ќе знае да ги чита снимките, брифираат извори од Болницата за Алфа. Ова, откако пред два дена се случи вербално-физичката расправија во која двајца вработени од Болницата го нападнаа лекарот-специјалист по спортска медицина, д-р Гоце Јонзоски, кој одби да го даде стрес –тест апаратот од неговата амбуланта за потребите на Интерното одделние каде ист ваков апарат бил расипан 10 години.

  „Бев физички нападнат и натепан во мојата амбуланта, во работно време, на работно место..Едниот ми ја свитка раката и ме турна в ѕид, другиот фати да ме дави и да ме туркаат, да ме маваат..Сето тоа беше во присуство и по налог на директорката Кети Смилеска..Сака да ми се одземи еден апарат кој не требало да биде тука, туку требало да биде на друго одделение“, – рече д-р Гоце Јонзоски. (2.03.2022).

   На овој немил настан, денеска реагираа и од ОК ВМРО-ДПМНЕ. Според интернистот д-р Трајче Ржаникоски, префрлањето на стрес-тест апаратот од Спортска медицина во Интерното одделние, не било решение. Исто така, тој тврди дека како дел од интернистичкиот тим лекари, не бил информиран за оваа дисклокација на апаратот, иако директорката го тврдеше спротивното.

   „Споменато е во изјавите дека одлуката е донесена после повеќе стручни состаноци. За стручен состанок во Интерното одделнение за овој проблем не сум известен и не знам ни кога е одржан, ни кој ќе работи, ни за обемот на работа….Моето мислење е дека апаратот во Спортската медицина сигурно е стар околу 10 години и ако  се планираше заживување на методата во Интерното одделние, треба да се направи со нов апарат. Оптоварување и ракување со стар апарат, еден ден од Интерно одделение, четири дена од Спортска медицина, ќе значи можност да се остане без тој апарат“, – вели д-р Трајче Ржаникоски – интернист и советник од ВМРО-ДПМНЕ.    

   Директорката на Болницата пак, Кети Смилеска, на прес-конференцијата одржана непосредно по инцидентот, се пофали дека Интерното одделние кобечно добива стрес-тест апарат кој ќе бидел голем бенефит за пациентите. А за самиот инцидент рече дека бил испровоциран од специјалистот по спортска медицина д-р Јонзоски. Во меѓувреме и двете инволвирани страни се закануваат со судска разврска на случајот.

Каролина Дурло