Во потрага по компромис: Утре нова рунда разговори на работните групи за Законот за јавно обвинителство

Разговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши и идниот статсус на Специјалното јавно обвинителство продолжуваат утре во 15 часот, потврдија од Министерството за правда.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во последната ТВ дебата со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, му посочи дека со неоткажувањето од СЈО вакво какво што е, тој ја загрозува европската иднина на Македонија.

Мицкоски потенцираше дека Заев не е подготвен да ги прифати амандманите затоа што сака СЈО да продолжи да го користи како за притисок врз политичките неистомисленици. Тој го запраша Заев дали со одбивањето на амандманите е спремен да ја сноси одговорноста за загрозување на европската иднина на земјава.

Дали вие откако ќе ги видите нашите амандмани нема да ги прифатите и на тој начин ќе сносите целосна одговорност ако овој закон за јавното обвинителство биде услов за Македонија отпочне преговори со Европската Унија“, запраша тогаш Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека партијата достави амандмани согласно принципите на кои инсистираше да бидат прифатени, па Заев и Дескоска треба да ги разгледаат и прифатат со што законот заеднички ќе се изгласа во Парламентот и на тој начин оваа пречка ќе биде отстранета.

Според министерката за правда Рената Дескоска, ВМРО-ДПМНЕ со 65-те амандмани за законот за јавно обвинителство има намера да го уништи Специјалното јавно обвинителство и да се запрат сите постапки.

Со тие амандмани се уништува СЈО, се уништуваат истрагите, предистражните постапки и постапките кои ги презело СЈО. Тоа не се амандмани кои можат да го подобрат текстот“, кажа Дескоска.

Таа не е оптимист дека ќе биде постигнат договор со ВМРО-ДПМНЕ, но, сепак, како што вели не се откажуваат од процесот на разговори.

Законот за јавно обвинителство се носи со двотретинско мнозинство и е еден од условите за добивање датум за отворање на преговори со Европската Унија.