Во пожарот во Кумановски суд изгореа документи за истраги и предмети

Архивата на кумановски суд стана пепел. Кои истраги и предмети ги зафати пожарот кој гореше цела ноќ, допрва ќе се испитува. Експерти од крим-техника ќе ги истражуваат причините за пожарот што избувна во подрумските простории на Основниот суд во Куманово. Министерот Спасовски најави дека по увидот ќе се знаат причините, а неофицијално претпоставките се дека причината за огнот, најверојатно, е проблем со струјата.
- „Во моментот не може да кажеме што точно е зафатено од пожарот бидејќи според најновите информации сè уште трае гаснењето. Ние ги активиравме сите служби. Заминаа и началници и раководители од Одделот за криминалистички и технички испитувања и вештачења од Скопје за да може да се направи увид и да видиме кои се причините и што точно е зафатено со пожарот“, рече Спасовски.
Седум пожарникари со две цистерни повеќе од 10 часа се обидуваа да го изгаснат пожарот. Се кршеа металните решетки за да влезе во просториите од задната страна на објектот и пожарникарите да дојдат до жариштето.
Во зградата на Основен суд Куманово се наоѓа и Јавното обвинителство и Народониот правобранител. Вработените утрината добиле пораки да не доаѓаат на работа бидејќи нема услови.
Пожарите станаа честа појава во државни институции. Ова не е прв пат документи, истраги и докази да се претворат во пепел. Претходно изгореа документи во Министерството за правда, потоа пожар имаше во Инспекторат за животна средина, гореа бараките на поранешниот суд за прекршоци, а претходно изгоре и шалтер салата во Македонски Пошти.
Поплавено беше и згаснатото Специјалното јавно обвинителство, но за ниту еден случај не беа обелодените причините или виновниците.
Викторија Миткова