Во опозиција едно, на власт друго: Ковачевски заборава колку пати СДСМ го блокираше Собранието

Различни принципи на СДСМ на власт и во опозиција. Блокирањето на Собранието им е добро кога сакаат да се дофатат до власта, но никако ако се седнати во удобните владини фотелји. Она што сега за премиерот Ковачевски и неговата партија е дестабилизирање на државата и носење во уште поголема криза, за СДСМ не беше така во текот на годините во опозиција.

Блокадите на Парламентот од тогаш опозициската партија започнаа во 2011 година. Тогашниот лидер на социјалдемократите Бранко Црвенковски, прво бараше предвремени парламентарни избори, па потоа бараше нивно неодржување, за таа цел беше донесена одлука за бојкот и блокада на Собранието. 

Уште еднаш сакам да кажам пред целата македонска јавност. Нека се прифатат барањата на СДСМ, ние сме спремни утре да одиме на избори. Нашата цел е да одиме на избори, меѓутоа претходно да се обезбеди тие избори да бидат фер и демократски. Уште еднаш сакам да кажам пред целата македонска јавност. Апсолутно. Не се враќаме во Собранието додека условите не бидат исполнети, додека не се постигне договор, додека не се постигне консензус околу изборните правила, изјавуваше Црвенковски на 21 март 2011-та година.

Истиот модел го искористи и наследникот на Црвенковски,  Зоран Заев. Поранешниот премиер, тогаш опозициски лидер, незадоволен од резултатите на изборите во 2014-та година, кога доживеа пораз се реши да го бојкотира Собранието и тоа дури 15 месеци.

-Оставките на пратениците се депонирани во Собранието. Тоа е доказ за непроменливиот став на опозицијата во врска со ова прашање. Во Македонија мора да се врати демократијата. Мора да се ослободат институциите, професионално да си ја вршат својата работа. Иднината на земјата се ЕУ и НАТО, а не хибридните режими, изјавуваше Зоран Заев на 19-ти јуни 2014-та.

СДСМ го блокираше Собранието и во 2016-та година, со барање Уставниот суд да одлучи за судбината на СЈО. Обвинителството кое беше фатено во „Рекет“, а според Заев беше симбол на правдата.

-Додека не се изјасни Уставниот Суд за законитоста за уставноста на законот за СЈО, пратениците од СДСМ и коалиционите пратеници нема да учествуваат во работата на Собранието. Пратениците имаат обврска учествуваат во заштита на институцијата симбол на правдата и вистинската борба против криминалот, што едногласно ја изгласаа, изјавуваше Заев на 23 јуни 2016-та година.

И собранискиот спикер Талат Џафери, кој сега не го вади собранискиот деловник од уста, на свој начин ја блокираше работата на Собранието. Кога требаше да се донесе законот за македонските бранители од 2001 година, неговата ДУИ поднесе илјадници амандмани за блокада на истиот, а Џафери ги објаснуваше со молк.

Ова е прва собраниска блокада од страна на ВМРО-ДПМНЕ во петте години власт на СДСМ, а доаѓа во период кога во Македонија секојдневни се протестите и штрајковите на синдикатите, земјоделците и многу други, а државата се наоѓа во голема економска и енергетска криза. Барањето на опозицијата е свикување на лидерска средба, на која ќе биде договорен датум за предвремени парламентарни избори.

Матеја Петровски