Во Крушево се одржа петтата изложба на автохтони „шарпланинци“

Во Крушево се одржа петтата изложба на автохтони „Шарпланинци“ – Зачувување на автохтоноста на македонската раса на овчарските кучиња- шарпланинци, е пораката која беше испратена од годинашната, петта традиционална изложба на овој вид кучиња, кои во нашата земја, како изворни, се уште се застапени, претежно во планинските предели.

„Караманите“ и „карабашите“, како најспецифични за овие наши краишта, беа само дел од над триесетте изложени кучиња од кои, најстарото имаше дури 17 години, и кое според неговиот сопственик, и покрај возраста, се уште е во топ форма како пес-чувар.
Горди на своите миленици, сопствениците раскажуваат дека и покрај по малку застрашувачкиот нивни изглед, сепак тие се паметни и верни кучиња, кои одговорно ја чуваат својата територија. Единственото што им треба се: љубовта, грижата и широкиот простор.

За поголема атрактивност на настанот, на Гумење, продефилираа и десетина коњи, чии сосптвеници, од годинава, имаат намера да направат и своевидна туристичка атракција.

Според кинолозите, оваа автохтона раса на кучиња, во никој случај не треба да се меша со видоизменетите и токму затоа нивната намера е во скоро време да ја заштитат како македонско кинолошко наследство.
Инаку, изложбата ја организира Фондацијата „Тоше Проески“.

Каролина Дурло Каролина Дурло