Во Кочани и Виница одбележан Денот на книгата и на авторското право

Традиционално, по дваесет и четврти пат во библиотеката „Искра“ во Кочани беше одбележан 23-ти април – Денот на книгата и на авторското право, при што членови на литературнито клуб „Копнеж“ читаа свои поетски творби посветени на книгата.

Во средното училиште „Љупчо Сантов“ се одржа литературна средба на учениците со поетот Михаил Ренџов. Покрај делото „Псалми“, коешто е средношколска лектира, тема на разговор со поетот Ренџов беше неговото творештво и книгата воопшто.

– Едно време беше поинаку, Светскиот ден на книгата ја славеше величественоста на духот човечки, сега тоа е поопаднато, но се надевам дека книгата е вечна и таа е најубавиот човечки изум, создаден за да го направи човекот бесмртен, да го направи вечен. Јас, откако знам за себе, сум поет, а суштината на секој творец е, ако му е судено да живее кусо, да остави нешто зад себе, за да покаже дека некогаш живеел. Сакам моето творештво да го продолжи мојот живот, сеќавањето за поетот е голема работа, истакна Ренџов пред присутните.

Познатиот македонски поет, автор на 26 книги, за ваквите литературни дружби рече дека своевремено биле радосни средби со писателите кои веќе ги нема и дека сега е време на политиката, но не и време на убавината.

Ренџов им врачи и награди на тројцата најдобри оратори од СОУ „Љупчо Сантов“, кои со извадоци од своето говорење се претставија на литературната средба.

Денот на книгата го одбележаа и средношколците од гимназијата „Ванчо Прке“ од Виница кои ја посетија општинската библиотека „Гоце Делчев“ и одбраа наслови од богатиот книжен фонд. По барање на 800 редовни читатели таму е отворена и изложба на нови актуелни наслови.

За поголема мотивација за читање кај младите, библиотеката објави литературен конкурс на теми поврзани со книгите, а на кој можат да учествуваат учениците од основното и средното образование. Конкурсот е отворен до 7 мај-ми и за најдобрите творби се обезбедени вредни награди и книги.