Во Кина загинаа пет деца откако автомобил удри во група ученици

Најмалку пет лица загинаа, а 18 се повредени откако автомобил удри во група луѓе, меѓу кои имаше и ученици. Инцидентот се случи пред основно училиште во градот Хулудао, североисточна Кина.

Државната кинеска телевизија ЦЦТВ објави дека возачот е приведен.

На снимките од безбедносните камери се гледа како децата преминуваат улица пред училиштето, а потоа се приближува автомобил, преминува на другата лента и удира во групата.

Се уште не е познато дали станува збор за намерен напад.

Минатиот месец маж со возило влета во група пешаци во градот Нингбо, при што загинаа две лица, а 16 беа повредени.

Во септември 11 луѓе беа убиени, а 44 се повредени во провинцијата Хунан, кога напаѓач со автомобил удри во група луѓе, а потоа излезе од возилото и ги нападна со нож и лопата.