Во ек на епидемија, антиваксерите ќе ја тужат државата

Епидемијата на морбили не запира, а антиваксерите се мобилизираат. И покрај алармирањето на лекарите, тие не отстапуваат од одлуката да не ги вакцинираат сопствените деца. Одат дури и чекор понапред, преку адвокат ќе ја тужат државата. Сметаат дека одлуката невакцинираните деца да не се запишуваат во градинка и училиште била кршење на човековите права.

-Ако министер за здравство кој е лаик за образование забрани основно образование кое е задолжително, ние сметаме дека оваа држава многу пропаднала, а е и она што го сметаме за правниот систем. Затоа што ако министерот за здравство се меша во ингеренции на министерот за образование, ни министерот за образование ни министерсот за здравство не можат да ја вршат своата работа, вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

-Во моментов ние се соочуваме со кршење на правата на нашите деца кои се незаконски изфрлени од градинките. Таква епидемиолошка мерка не постои во ниту еден закон и сметаме дека тоа е многу незаконски спроведено. Второ во училишттата исто така се обидоа незаконски да не спречат да си ги запишеме децата. А во некои училишта и покрај тоа што државниот пазарен инспекторат на некој начин се изјасни дека ќе се примаат документите и ќе се запишуваат децата, сепак во некои училишта се уште се прават притисоци, вели еден од родителите.

Од друга страна бројот на заболени од морбили постојано расте, а билансот на смртни случаи се искачи на четири дечиња.

Надлежните уверуваат дека вакцинирањето е единствениот начин за заштита и ширење на болеста и апелираат сите кои не се вакцинирани да се имунизираат.

-Овие три ипол месеци имам вакцинирано многу деца и кај ниету едно дете не забележав несакани реакции од вакцината. Дури и деца кои што имаат некои хронични заболувања, после препораките од советите на педијатрите беа вакцинирани и уредно поминаа. Ниту пак се поврзува со аутизам. Затоа што јас тука вакцинирав аутистични деца, значи децата не биле вакцинирани а веќе имаат аутизам, вели доктор од вакцинален пункт.

Проблемот со емпидемијата се прошири и врз медицинскиот персонал, дел од болниците ги затворија своите капацитети поради ширење на заразата врз медицинскиот персонал.

Според надлежните и покрај контрадикторноста во Законот за задолжително основно образование, никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту со својата волја да го загрозува правото на детето да биде здраво.

Здравствените власти со месеци се двоумеа дали е неопходно да се прогласи епидемија на морбили на ниво на држава. Ваквата „одлука“ падна пет месеци од првиот регистриран случај на мали сипаници во градинка во Радишани и четири починати деца.

Последните статистики на Институтот за јавно здравје, бележи  1.745 заболени со морбили.

 

Јована Грчева