Во Дојран прво издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“

Дојран го доби својот прв филмски фестивал. Од петок па се до недела на брегот на дојранското езеро за прв пат се одржува филмскиот фестивал „Преку езерото“. Иницијативата е на филмскиот режисер и продуцент, Јани Бојаџи, а идејата е да прерасне во етаблиран фестивал на балкански и медитерански филм, во кој се разработуваат теми кои го карактеризираат духот на медитеранот, културата, уметноста и традицијата на медитеранските земји.

  • Идејата е едноставна, сакаме да направиме фестивал, кој ќе ги обединува културните, духовните и цивилизациските вредности на уметниците на медитеранот и балканот, кои во историјата живееле во исти држави, царства и империи, но на крајот од 20 и почеткот на 21 век барајќи се себеси, се разминале едни со други, изјави Јани Бојаџи – иницијатор на фестивалот.
  • Голема е честа и задоволството да се биде домакин на еден ваков фестивал – рече на отварањето, градоначалникот, Анго Ангов.

Филмскиот фестивал свечено го отвори хрватскиот филм „Марко“ на режисерот Марко Шантиќ, емотивна драма за семејство кое останува без својот единствен син. Во официјалната селекција ќе бидат прикажани 9 филмови од Грција, Турција, Египет, Хрватска, Србија, Црна Гора и Италија. Боите на Македонија ќе ги брани авторката Ангела Димеска со 14-минутното дело „Перики“, сторија за адолесцент кој се уште ја истражува сопствената сексуалност. Меѓународното жири кое ќе ги оценува филмовите во официјалната селекција е составено од истакнатиот грчки резжисер Василис Мазоменос, продуцентот Гоце Кралевски и сценаристката Ева Камчевска.

  • Уверен сум дека ова ќе биде раѓање на едно ново дете во филмските фестивали, во индустријата. Филмовите се одлични. Има кратки филмови од целиот Балкан и медитеранот. Нови таленти, како постари филмаџии се трудиме да ги поддржиме младите таленти – рече за Алфа, Василис Мазоменос- грчки режисер.
  • Има доста добри филмови кои треба сите да ги погледнат, кои се баш медитерански, убава тема, убава тема. Се надевам дека ова ќе биде една традиција, ќе доаѓаме после 10-20 години и ќе се радувам дека сум бил на првото издание – вели Гоце Кралевски.
  • Се радувам многу што Дојран има фестивал, драго ми е за град како Дојран кој се повеќе заживува да има и свој фестивал. Јас сум дел од жирито за кратките филмови оваа година и мислам дека селекцијата е одлична – рече Ева Камчевска.

Во ревијалната програма ќе бидат прикажани и три долгометражни филмови. Во склоп на фестивалот ќе се одржи и мастерклас на тема: „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“. Мастеркласот ќе го води докажаниот скрипт-консултатнт од Англија, Џон Стивенс.

Викторија Миткова