Во Грција е скапо, ама во Хрватска и Египет „изгор“ – летните аранжмани поскапи до 40%, и покрај се, граѓаните навалуваат на големо
Туристичките агенции со полни раце работа. И покрај тоа што цените на летните аранжмани на сегаде пораснаа, Грција и натаму останува најдостапна дестинација за одмор. Од туристичките агенции велат дека во овој период има навала за резервации, а освен за јужниот сосед, има интерес и за Албанија, Црна Гора, Хрватска, Турција Египет и Кипар. Од агенциите информираат дека македонските граѓани летово најевтино можат да летуваат во Грција, каде седумдневен аранжман ќе ги чини близу 200 евра по човек, додека пак еден од поскапите аранжмани е над 700 евра во хотел со пет ѕвезди во Египет.

- Веќе знаеме дека од пред некое време е почната сезоната на летни одмори, а врз одлуката на граѓаните каде ќе одат на одмор ова лето најмногу влијаат цените. Македонските граѓани летово најевтино можат да летуваат во Грција, додека пак најскапиот аранжман е во хотел со пет ѕвездички во подалечнте дестинации како што се Египет, Тунис, а сега поново и во Кипар, вели меѓу другото за Алфа Силвана Јовановска од Туристичка агенција „Go Travel“.
Туристичките работници додаваат дека цените на аранжманите летово се повисоки за разлика од лани, но тоа не значи дека интересот е намален. Граѓаните со душа чекаат да заминат на одмор, и малку да се ослободат од секојдневните обврски и проблеми.

- Во однос на претходните години, морам да кажам дека оваа година има зголемување на цените, што секако е на удар на граѓаните. Но и покрај се – тие се заинтересирани, а оние што имаат пари секако дека не прашуваат за цена, важно им е веднаш да заминат, но како и да е мора да се има пари за летување, додава Јовановска за Алфа.
Што се однесува пак на авионските билети, тие се многу поскапени, со што се крева цената на аранжманите. Во Грција хотелите се поскапени за 20% до 30%, но ако сакате приватното сместување, тоа е нешто поевтино, иако и таму е поскапо за 10%.

Што се однесува пак до подалечните дестинации како Тунис и Египет, кои се едни од омилените за Македонците, цените се малку „посолени“. Па така шестдневен престој за двајца во јуни чини 1.000 евра со авион, додека пак за Египет ќе платат исто, но само за чартер и сместување, се друго дополнително го оптоварува семејниот буџет.
Борис Грујоски